ЕУ ќе пренамени пари – наместо за патишта во неразвиените членки, ќе одат за помош на Украина

Брисел ќе ги искористи средствата наменети за изградба на патишта и аеродроми во посиромашните членки на Европската Унија за да го поттикне производството на оружје во целиот блок, пишува британски „Телеграф“.

ЕУ во средата направи чекор без преседан за да ѝ стави крај на долгогодишната забрана за користење ресурси од нејзиниот централен буџет за обезбедување готовина за индустријата за оружје.

Според планот наречен АСАП (As soon as possible – најбргу што може), Европската комисија (ЕК) ќе ослободи 500 милиони евра за да помогне во зголемувањето на производствените капацитети во фабриките што произведуваат муниција и проектили во ЕУ.

Планот е дел од програмата за вооружување на ЕУ тежок 2 милијарди евра за производство на еден милион артилериски гранати од 155 мм за снабдување на Украина и за надополнување на националните резерви што беа исцрпени по руската инвазија минатата година.

На земјите членки ќе им биде дозволено да ги дополнат потребните суми пари од т.н. кохезиски фондови на ЕУ – програми што се користат за развој на посиромашни членки на блокот и нивно поврзување со побогатите соседи.

Милијарди евра од споменатите средства во минатото биле искористени за развој на аеродромите во Грција, Италија, Шпанија, Полска и Естонија, како и за изградба на патишта.

Извори на „Телеграф“ тврдат дека новиот потег на ЕК може да придонесе за растечкиот јаз меѓу земјите членки бидејќи многумина сметаат дека законите на ЕУ забрануваат финансирање за воени цели, т.е. трошоци што произлегуваат од операции што имаат воени или одбранбени импликации.

Ирска, Австрија и Малта се неутрални по ова прашање, а Унгарија одби да ѝ испорача оружје на Украина.

Еврокомесарот одговорен за зголемување на производството на оружје, Тиери Бретон, тврди дека воените инвестиции не се против договорот за ЕУ.

„Нашата одлука е компатибилна со договорот. Инвестирањето во нашата одбрана ќе ни овозможи да ја зачуваме нашата демократија. И тоа треба да им го кажеме на нашите сограѓани“, истакна Бретон.

Сепак, според официјални претставници на ЕК, плановите за користење на фондот на ЕУ за зголемување на производството на оружје допрва треба да се разработат, а Европскиот парламент потоа треба да гласа за тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот