Михаилис Рокас - Евроамбасадор / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ЕУ е блиску, а уставните измени – уште поблиску!

Пораката на евроамбасадорот Михалис Рокас дека Македонија е поблиску до ЕУ одошто мислиме, повторно го отвори прашањето дали зад дипломатскиот оптимизам се крие и сигнал за уставните измени. Брисел јасно порачува дека европската врата не е затворена, но дека клучниот чекор останува во Скопје. Власта бара гаранции, опозицијата обвинува за губење време, а аналитичарите оценуваат дека без политички договор нема брзо откочување на процесот.

Пораката на евроамбасадорот Михалис Рокас дека Македонија е поблиску до Европската Унија одошто мислиме – звучи охрабрувачки, но во домашниот политички контекст таа не може да се чита само како куртоазна дипломатска фраза. Во неа има и потсетување, и притисок, и внимателно спакувана порака до политичките партии: формалната врата кон ЕУ не е затворена, но клучот сè уште е во Скопје.

Евроамбасадорот оцени дека Македонија припаѓа на европското семејство, дека е поблиску до целта отколку што се перципира, но и дека недостигаат прагматизам, одлучност и политичко обединување.

Секако, кога Рокас вели дека Македонија е поблиску до ЕУ одошто мислиме, тоа не мора нужно да значи дека во Брисел веќе гледаат сигурно мнозинство за уставни измени. Но значи дека од европска перспектива, пречката се смета за политички решлива, а не како нерешлив историски, правен или институционален ѕид. Со други зборови, пораката не е дека процесот сам ќе се откочи, туку дека, ако се донесе одлуката внесување на Бугарите во Уставот, земјата брзо може да се врати во игра.

Оваа нијанса е важна, коментираат политичките аналитичари со коишто разговаравме. Во дипломатски јазик, посочуваат тие, ретко се кажува директно: „уставните измени се блиску“. Наместо тоа, се користат формулации како „потребна е политичка волја“, „прагматизам“, „обединување“ и „последен чекор“.

Гризење на совеста

Ми се чини дека Европската Унија чувствува грижа на совест за сите неправди што ѝ се направени на Македонија во изминатите три децении, изјави поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин.

Тој во разговор за „Слободен печат“ вели дека геополитичките критериуми се многу важни во моментов затоа што со кандидатски статус се јавија и Украина и Молдавија, па сега, како што појаснува, практично станува збор за натпревар помеѓу оние држави коишто се интересни од аспект на геополитика и држави коишто ги исполнуваат Копенхашките критериуми.

Во таа насока, додава тој, сега се води дебата во рамките на ЕУ и се смета дека најдобрата опција е да се случи синергија на овие две форми на проширување.

– Македонија има направено многу повеќе од Украина во поглед на исполнување на критериумите, а од друга страна гледаме дека поради проблемот со Бугарија ние заостануваме зад Црна Гора и зад Албанија. Но, од аспект на Брисел, тоа не е драматичен проблем. Големи се шансите да постојат одредени договори и преговори помеѓу Брисел и Владата на Македонија во насока на конечно решавање на проблемот со Бугарите. ЕУ е доволно свесна дека има потреба од нови членки. Порано можеби имаа добри преговори за да ни измислат изговори и да нѐ закочат, но сега, особено со војните во Украина и во Иран, Унијата има потреба од простор. Иако геополитичкиот интерес кон Украина е голем, сепак, не е воопшто мал интересот и кон Македонија – објасни Ружин.

Во однос на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека никогаш нема да дозволи внесување на Бугарите во Уставот без да добиеме гаранции за возврат, Ружин смета дека сериозен политичар не смее да дава такви изјави со зборот „никогаш“.

Секогаш мора да оставите резерва, бидејќи времето еволуира, а ние мора да водиме добри односи со сите соседи. Јас мислам дека Мицкоски сега има повеќе проблем со јавното мислење отколку со самиот себеси околу тоа прашање. Но, исто така, постои и дилемата дали оваа власт воопшто сака земјава да стане членка на ЕУ, ама тоа е друга проблематика во која сега не сакам да навлегувам. Како и да е, сметам дека штом сме се фатиле на орото, мора да го одиграме. Верувам дека се водат активни преговори и разговори на релација Брисел – Скопје, па за многу брзо време ќе ги видиме резултатите – изјави Ружин.

Можни ли се гаранции?

Драган Тилев, долгогодишен државен советник за европски прашања и надворешен советник на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во интервју за ТВ24 објасни дека гаранции од Европската Унија се можни, но не како едноставна политичка формула што може да се добие преку ноќ, туку како резултат на внимателно подготвен процес, јасна стратегија и прецизно дефинирани македонски позиции.

Секако дека можеме да добиеме гаранции од ЕУ дека Бугарија во иднина нема да поставува нови услови и нема да го блокира европскиот пат на Македонија, но треба да ни биде јасно дека тоа е една многу сложена процедура, еден многу сложен процес за кој треба да се има јасна стратегија, визија и многу добро разработен пристап кон институциите на ЕУ, но и кон секоја земја членка посебно. Зборот „гаранција“ можеби не е најсоодветен збор, бидејќи никој практично не може да ви даде гаранција за што било, па би рекол дека зборот „уверување“ е подобар избор. Но пак ќе кажам, не постои едноставен одговор на сложени проблеми. Ние имаме сериозен проблем и затоа не можеме да очекуваме дека решението ќе биде донесено така одеднаш, за едно попладне. Тоа е прашање кое треба да се работи и треба да се подготви соодветен терен – порача Тилев.

Ние знаеме што најмногу нѐ боли, додаде тој.

Ако е тоа историјата, јазикот или малцинството, тогаш ние треба да дефинираме кои се нашите црвени линии. Треба јасно да кажеме што не можеме да прифатиме да се преговара поради тоа што за нас има идентитетски карактер. Ние имавме една убава Резолуција, усвоена во Собранието во 2021 година, која што на солиден начин ги дефинираше тогаш црвените линии. Таа Резолуција е добра основа за тоа што не смее да биде предмет на преговори – објасни Тилев.

Што прави Скопје, а што прави Софија?

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, категорично порача дека во овие околности – услови за уставни измени – не постојат.

Има недостиг на доверба и недостиг на кредибилитет во однос на испораката спрема нас како држава, така што во овој момент услови за уставни измени нема и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон уставни измени – рече Муцунски на заедничката прес-конференција со Берсе.

Тој притоа направи паралела меѓу она што го прави Македонија и тоа што го прави Бугарија како членка на Советот на Европа, во смисла дека ние ги извршуваме пресудите колку и да ни е тешко тоа, а Софија одбива.

Дали ние правиме конкретни работи поврзани со нашата европска перспектива? Да, правиме. Првото е тоа што го правиме во однос на Реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е тоа што го правиме за имплементација на европските вредности – рече Муцунски.

Главната вест сепак дојде генералниот секретар на Советот на Европа, Берсе. Зборувајќи за 17-те пресуди на Стразбур околу правата на македонското малцинство, тој рече дека, за разлика од изминатите години, последните 12 месеци е направен извесен напредок, дека на исполнувањето на пресудите на Судот за човекови права од Бугарија и натаму се работи и дека негова цел е да има конкретни, а не симболични чекори.

Во Бугарија има серија одлуки што не се исполнети. Работиме на тоа и имаме некој прогрес последните 12 месеци. Стабилноста на процесот, исто така, е важна. Јас сум за практична, конкретна имплементација на пресудите, а не само симболична. Целта ми е навистина да се извршат пресудите во Бугарија – порача Берсе.

Тој посочи дека прашањето ќе биде предмет на разгледување од Комитетот на министрите со цел спроведувањето на одлуките конечно да стане реалност.

Вие сте целосно во право, беше предолго извршувањето. Тоа е јасно. Но продолжуваме да работиме на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен резултат многу бргу – порача Берсе.

Рокас: Македонија е поблиску до ЕУ отколку што мислиме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот