Етничка лотарија

Фамозниот „балансер“, како форма на етничко лото или некоја друга игра на среќа, очигледно не е решението што ни треба, при што којзнае уште колку вакви случаи имало, ама биле успешно прикриени од јавноста

За жал, некои добри страни – само некои – на Годишниот конкурс за финансирање на т.н. проекти од национален интерес во културата за 2021 година (барем според објавените резултати), ќе останат дебело засенети од новиот скандал со вработувањата во културата, овој пат во НУ Конзерваторски центар на Скопје. Онаа „добра вест“ што првично беше промовирана како започнување (или обновување, како посоодветен поим), на грижата за културното наследство преку вработувања млади стручни кадри, веднаш се претвори во своја спротивност благодарејќи на „етничката ујдурма“ при изборот.

Зашто, надлежните како да заборавиле, или, пак, не им било грижа (?), дека кај нас, сѐ уште, и имињата и презимињата ни се сепак некаков „етнички репер“, што пак во новиот мегаскандал на Министерството веќе на стартот ја упропасти евентуалната позитивна страна на овие вработувања. И ја покажа, со сета сила, целата апсурдност на македонската меѓуетничка ситуација и нашите веќе „легендарни“ начини на справување со проблемите од тој и таков карактер.

Фамозниот „балансер“, како форма на етничко лото или некоја друга игра на среќа, очигледно не е решението што ни треба, при што којзнае уште колку вакви случаи имало, ама биле успешно прикриени од јавноста. Можеби и овој скандал ќе помине така, прераспределен на некој спореден колосек и неказнето, но тоа ќе биде отворен повик за идно масовно кршење на оваа (сепак смешна) процедура којашто, очигледно е, се претвора во своја спротивност.

Зошто велам сепак смешна процедура. Затоа што „балансерот“ е само уште еден израз на нашата немоќ на вистински начин да се носиме со проблемите, затоа што таа измислица не е ништо поразлична од вработувањата по партиски „клуч“ – а такви скандали имавме неколку во изминативе два месеца – и затоа што, конечно, очигледно е дека поединецот и овој пат излегува попаметен од „машината“ (но и од државата!), пробивајќи ги нејзините механизми на најбезболен начин. На крај памет не ми паѓа со ова да им оддадам признание на двете девојки ако сомнежот се покаже вистина.

Но, во борбата за опстанок очигледно сите средства се дозволени, па и тоа: преку ноќ да си ја смениш етничката припадност со цел да се вработиш во државна институција! Ако за тоа и такво вработување не е доволна стручноста, компетентноста, можеби високиот просек, искуството итн., туку приоритет претставува само и единствено етничката припадност, тогаш никој нема право да ја осудува посочената постапка. Некој ќе рече дека таа и таква постапка викана официјално „балансер“ (којшто ама баш ништо не балансира!) во Европа но и во светот се вика и „позитивна дискриминација“, а веројатно има и други слични поими коишто, во крајна линија, се сведуваат на истата постапка. И тоа е веројатно точно, но сигурно не е точно дека функционира баш вака, како кај нас! Зашто, „балансерот“ (впрочем затоа и така се вика!) може да избалансира еднакви кандидати – по стручност, по компетентност, по оценки итн. – па тогаш да му даде минимална предност на бараниот етникум. Ако тоа не е така, ако етничката припадност е првиот и најчесто единствениот услов, тогаш тоа попрво е дисбаланс отколку баланс, тоа повеќе е кршење на основни човекови права (на вработување, на пример) и слично.

И што се случува ако, како во случајов, за најчувствителни работи, како што е, на пример, конзервацијата на културното наследство, „балансерот“ ви диктира да примите полустручен човек ама етнички „соодветен“? И кога утре ќе му ја доверите конзервацијата на највредното наследство а тој/таа, хипотетички, го оштети односно го упропасти токму заради нестручност, кого ќе го обвините? Ќе го обвините „балансерот“, директорот на институцијата, министерот… Владата којашто одобрила таков метод на „позитивна дискриминација“?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот