Ердоган во Берлин: Хамас е ослободителна организација

Шолц и Ердоган / Фото EPA-EFE/TOMS KALNINS

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска од Берлин, каде што се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, повика на хуманитарен прекин на огнот во Газа, јави ДПА.

Ердоган изрази поддршка за исламистичкото движење Хамас и жестоко го нападна израелското бомбардирање на Газа, додека Шолц го увери Израел во германската солидарност и го истакна правото на Израел да се брани по нападите на Хамас на 7 октомври. Ердоган го опиша Хамас како „ослободителна организација“ и го обвини Израел за „геноцид“ во Појасот Газа.

Ако Германија и Турција можат заедно да помогнат да се постигне прекин на огнот, ќе има шанса да се спаси регионот од „огнениот прстен“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со Шолц пред разговорите со германскиот лидер.

Ова е негова прва посета на Германија по речиси четири години.

Сите мора да работат на траен мир на Блискиот Исток, рече Ердоган.

Иако Ердоган го осуди убиството на стотици израелски цивили во терористичкиот напад на 7 октомври, тој подоцна го опиша Хамас, кој беше одговорен за нападот, како „ослободителна организација“.

Шолц претходно ги отфрли коментарите на Ердоган за Израел како „апсурдни“.

Сепак, Ердоган постојано ја изразуваше својата поддршка за решение со две држави, став што го дели и Германија.

Германскиот канцелар ја подвлече важноста од директен дијалог со турскиот претседател со оглед на нивните различни ставови за конфликтот на Блискиот Исток.

„Господине претседателе, не е тајна дека имаме многу различни ставови за конфликтот“, рече Шолц на прес-конференцијата пред вечерата со Ердоган.

„Токму затоа нашите разговори се важни, особено во тешки моменти ни треба директен дијалог меѓу нас“, ја пренесува ДПА изјавата на Шолц.

Германија ја нагласи својата непоколеблива поддршка за Израел и ја поддржа израелската воздушна и копнена офанзива во Газа.

„Правото на Израел да постои за нас е непобитно“, рече Шолц. „Кај нас нема место за антисемитизам, без разлика дали е политички мотивиран или религиозен, дали доаѓа од десницата или левицата, дали расте овде со векови или доаѓа во земјата однадвор“.

Шолц, исто така, рече дека е против сите кои сакаат да им ги ускратат правата на муслиманите во Германија.

Тој истакна дека страдањето на палестинското цивилно население во Газа е депресивно и рече дека сака да разговара со Ердоган за „како можеме да спречиме понатамошна ескалација, бидејќи ја споделуваме загриженоста за ескалацијата на Блискиот Исток“.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер претходно во разговорите со Ердоган „нагласено“ ја подвлече германската позиција за блискоисточниот конфликт.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот