Епидемиолозите обесхрабрени: Агонијата ќе трае уште најмалку една година зашто младите не се вакцинираат!

Фото: Слободен печат

Не се гледа светло на крајот од тунелот, а главната причина за тоа е отпорот на младата популација да прими вакцина, поради немедицински, неоправдани причини и теории на заговор, велат експертите.

Агонијата со коронавирусот во земјава ќе трае барем уште една година, поради фактот што младите одбиваат да се вакцинираат без за тоа да имаат издржани и објективни причини, тврди за „Слободен печат“ долгогодишниот епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов. Според него, трендот да расте бројот на новозаразени, како што се случува во моментов, е очекуван, меѓутоа последиците нема да се надминат наскоро, затоа што кај младата популација која е најранлива на новиот и многу позаразен делта сој, интересот за вакцинација е низок и изнесува само 20 проценти.

– Тоа што гледаме дека расте бројот на новозаразени со коронавирусот е логично и очекувано. Професорот Драган Даниловски вели дека ќе дојде и до илјада нови случаи дневно, што сепак е помалку од тоа што се случува во околината, на пример во Хрватска, Словенија и Србија, каде  има многу повеќе случаи. Но, тоа што ние ќе имаме по илјада случаи дневно не мора да значи ништо. Мерките кои се на сила се во ред. Но она кое не е во ред и во кое е клучот на проблемот е опфатот на вакцинацијата. Кај младите нема ни 20 проценти опфат на вакцинирани и тоа е апсолутно малку. Само поради тоа ќе ни се продолжува агонијата, затоа што не можеме да постигнеме колективен имунитет од над 80 проценти вакцинирани граѓани. Се додека не го направиме тоа, само ќе ни се продолжуваат брановите. Лично сметам дека ковид кризата ќе трае најмалку уште една година – смета доктор Стојанов.

Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека најголем рааст на новозаразени има меѓу популацијата на возраст од 20 до 29 години, а од коронавирусот во земјава починаа три млади девојки на возраст од 15, 16 и 17 години. Во болницата ГОБ „8 Септември“ еден месец се лекува 17 годишна пациентка која во многу тешка состојба со ниска сатурација и запаление на белите дробови била донесена на лекување.

– Не гледам објективна причина за да ја негираат вакцинацијата, но тоа на терен се случува. Не знам како младите можат да размислуваат дека некој друг се разболува, дека некој друг умира и дека ќе има последици од вакцината по однос на плодноста, дека нема да можат да имаат деца. Сите небулози во нивните размислувања се во опција, само уште да го прифатат и тоа дека вакцината е решението – вели Стојанов.

Во земјава и понатаму повисок интерес за вакцинација има со третата доза, а не со првата. Опфатот на вакцинацијата е околу 28 отсто. Во меѓувреме, расте бројот на заразени со ковид, и притисокот за хоспитализација. Бројот на активни случаи на коронавирусот порасна на 7836. Смртноста на невакцинираните е многу поголема отколку кај вакцинираните.

Светската здравствена организација веќе алармираше дека Европа е новиот епицентар на пандемијата со коронавирусот. Во земјите каде што опфатот на вакцинација е најнизок, има и најголем број починати и заразени со делта сојот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот