Емили Дикинсон, девојката со писмата и белиот сомот

Емили Дикинсон
Емили Дикинсон / Фото: GL Archive / Alamy / Alamy / Profimedia

Емили Дикинсон остави колекција над 1.700 песни, а во текот на животот објави само десетина и тоа анонимно. Живееше повлечено и остана мистерија.

Емили Елизабет Дикинсон, која е родена на денешен ден во 1830 година, на само десетгодишна возраст, заедно со сестра ѝ Лавинија, почнала да се школува во Академијата во Амхерст и иако поради здравствените проблеми неколку пати го прекратува школувањето, на Aкадемијата ќе помине седум години. На 25-годишна возраст два месеци минува во  Вашингтон и Филаделфија. Во писмата во кои и претходно уживала, сега пишува дека „запознала многу прекрасни дами и господа“. Не се знае дали тоа патување оставило нешто скриено во нејзиниот живот. Но токму тоа време и наредните години се сметаат за најплодни нејзини години.

„Некажувањето ништо понекогаш кажува сè.“

До мигот кога наполнила 35 години веќе зад себе имала колекција од 1.100 песни кои ги чувала во своите нотеси кои никому не ги покажувала. Неколку песни стигнале до весниците, после еден нејзин обид да ги објави. Кога искочиле, променети и непотпишани, одлучила никогаш повеќе да не ги понуди.

На нејзините сограѓани нејзиното однесување изгледало чудно. Секогаш се облекувала во бело, во сомот, на своите сожители често им испраќала тајни писма со домашни колачиња или цвеќе.

„Ако успеам да спасам макар едно срце, не живеам залудно.“

Со текот на годините одбивала било какви средби и посети, гледајќи се само со членовите на семејството и одредена група на деца, со својот брат, а нејзината изолираност отишла до таму што дури и пред смртта докторот морал да ја прегледа од друга просторија.

„Ранетиот елен скока највисоко.“

Подоцнежниот творечки период на Дикинсон е обележан од трагедиите. Татко ѝ умира во 1874., од срцев удар. Емили и во текот на погребот останува во својата соба. Една година подоцна, мајка ѝ останува парализирана од мозочен удар. Следуваат и други трагедии меѓу блиските роднини, а таа скршена од сите загуби и самата се разболела. Следните две години здравјето ѝ се влошува, а на 15 мај 1886., умира во 55. година од својот живот.

„На луѓето им се потребни тешки времиња и притисоци за да развијат психички мускули.“

Песните на Емили Дикинсон се објавени четири години по нејзината смрт, изненадувајќи ја критиката со длабочината која ја носеле во себе. Денес таа се смета за една од најзначајните американски писатели, а нејзината биографија најпосле доби своја филмска улога во филмот „A Quiet Passion“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот