ЕМА: Невакцинираните лица се најпогодени од четвртиот бран на ковид-19

вакцинација
Вакцинација против ковид-19 во Шпанија / Фото: EPA-EFE/MIGUEL TONA

Европската агенција за лекови, ЕМА, попладнево на редовна прес конференција потсети дека Европа се наоѓа сега во четвртиот бран од пандемијата на коронавирусот и дека треба да продолжи вакцинацијата, јави дописничката на МИА од Брисел.

За вакцините авторизирани во ЕУ, дополнителната доза се смета за безбедна и се препорачува да биде аплицирана најмалку шест месеци откако е примена последната доза.

Секоја земја членка одлучува на национално ниво дали и кому ќе ги аплицира дополнителната доза.

-Повторуваме дека е потребно да се вакцинираме и да се прими дополнителната доза доколку се исполнети условите. Витално е да се продолжи со вакцинацијата посебно во земјите каде стапките се неприфатливо ниски, изјави доктор Марко Кавалери.

Коментирајќи го подемот на инфекции ширум Европа оваа есен, докторот Кавалери порача дека делта сојот е посебно заразен и дека Европа се наоѓа во четвртиот бран.

-Имаме преголем број на заразени со Ковид-19, вклучително и со тешки облици, хоспитализации и приеми на интензивна нега, а во голем дел од нив станува збор за невакцинирани луѓе, изјави Кавалери.

Тој додаде дека невакцинираните имаат најголем ризик од хоспитализација и развивање на тешка форма на болеста, вклучително и смрт.

-Ниедна вакцина не е 100 отсто ефикасна. Вакцината штити од тешки форми, но со голем број вакцинирани луѓе, малкумина ќе завршат во болница. Треба да направиме сѐ што можеме за да го намалиме ширењето на инфекцијата, преку висока стапка на вакцинација, но нефармаколошки мерки, рече докторот.

Според научните студии, дополнителните дози може да бидат различен вид од првите две дози, на пример мРНА вакцина како Фајзер после деактивиран вирус како АстраЗенека. Меѓутоа во случајот на кинеските вакцини кои се распространети во земјите на Западен Балкан, ЕМА сѐ уште анализира, изјавија денеска од Агенцијата.

-Ги разгледуваме податоците и ќе излеземе со проценка, очигледно е дека е тешко да се даде јасна препорака за вакцини кои не се авторизирани од страна на ЕМА, изјави докторот Кавалери за кинеските вакцини.

Што се однесува до руската вакцина Спутник податоците се уште поретки, но ЕМА работи на нејзина евалуација и ветува дека ќе ја информира јавноста штом тоа биде можно, но засега не коментира до каде е процесот.

ЕМА денеска, исто така, потсети дека за лицата кои имаат хронични болести побезбедно е да ја примат вакцината.

-Лицата со хронични болести поминуваат низ флуктуација на болеста, но немаме никаков доказ дека вакцината против Ковид-19 предизвикува влошување. Досега се аплицирани милиони дози и немаме никаков податок што оди во таа насока, изјави Георги Генов, одговорен за фармаковигилентност во ЕМА.

Тој, исто така, потсети дека лицата со хронични болести ризикуваат многу потешки форми на Ковид-19 доколку се заразат.

Конечно тој ги потсети хронично болните дека со оглед на притисокот врз болниците поради Ковид-19, редовното следење на хронично болните пациенти е намалено.

-Треба да се вакцинираат посебно најранливите, рече Генов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот