Ем струја од органско ѓубре, ем хумус и метан како нуспроизводи: „Био ентерпрајз“ во Лозово решава енергетски и еколошки проблем

Ова е најдобриот пример за циркуларна економија. Два мегавати електрична енергија во биогасна електрана е исто со 12 мегавати фотоволтаик, заради тоа што работи 365 дена, 24 часа во денот, додека фотоволтаикот работи 1.400 часови во годината и тоа ако има сонце, вели еден од сопствениците на „Биоентерпрајз“, Кочо Анѓушев
Лушпите и семките од пиперки, кога се прави ајвар, расипаното пиво и скиснатото вино и сурутката од преработеното млеко, како и останатиот органски отпад – од жита, силажа, од свињарски и краварски фарми, веќе не се бауч за животната средина. Нив ги чисти и „меле“ биогасната електрана „Био ентерпрајз“ кај Сарамзалино, трета по ред во Македонија, а заедничка инвестиција на три приватни компании, „Централ инвест“ на Кочо Анѓушев, најголемата свињарска фарма „Агриа“ на Петар Колевски, и на охридски „АСП-ПАК“, на Петар и Спасе Спасески, која произведува амбалажа за земјоделски производи. Нејзината моќност е два мегавати и е технолошки најсовремена. Во најава е уште една во Карбинци и со тоа Источниот регион, практично ќе биде „изметен“ од целиот органски и комунален отпад, кој досега завршуваше во реките и на депониите, што е чист зијан и огромен загадувач за плодното Овчеполие. Биоелектраната ќе го процесира и метанот, кој е најголем непријател на озонската обвивка.
Објектот крај Сарамзалино, покрај кој се класи јачмен и цутат црвени булки, се градел две години, во него се инвестирани 12 милиони евра, а на годишно ниво произведува околу 17 милиони киловат-часови енергија. Кочо Анѓушев, еден од сопствениците, со гордост вели дека тој заштедува 16 илјади тони јаглерод диоксид или практично заменува шума од 700 илјади дрва, кои треба тој јаглерод диоксид да го прочистат. Со произведената струја тој ќе ја задоволува годишната просечна потрошувачка за 3.500 семејства, а со топлинската енергија може да се загреваат 6 хектари земјоделско земјиште. Биоелектраната може да преработи 30 илјади тони суви отпади на годишно ниво и околу 15 илјади тони течни отпади.
-Биогасната електрана е најголемиот чистач на органски отпад во општеството. Сѐ што е органско и може да се распадне, е потенцијално гориво за биогасната електрана, а добивате „три во едно“ – струја, чист хумус и течност за третирање на полињата со хранливи материи. Постојано говориме за диверзификација на енергетските извори, ама сите се втурнаа да прават фотоволтаици. Ова е најдобриот пример за циркуларна економија. Два мегавати електрична енергија во биогасна електрана е исто со 12 мегавати фотоволтаик, заради тоа што работи 365 дена, 24 часа во денот, додека фотоволтаикот работи 1.400 часови во годината и тоа ако има сонце. Ветерниците работат кога има ветер, хидроелектраната работи кога има вода, а биоелектраната работи без нонстоп – Анѓушев поентираше пред новинарите, кои имаа можност од прва рака да се запознаат со производствениот процес на „Био ентерпрајз“. Објектот работи од лани во декември, а по 70 дена, колку што се неопходни за бактериите да го преработат ѓубрето и да се добие метан, сега процесот е стабилизиран и континуиран.
Македонија има капацитет за околу 20-30 мегавати инсталирана снага од биоелектрани, а таа би била доволна да го собере и да го преработи најголемиот дел од органскиот отпад. За потсетување, првата биогасна електрана е на „Везе шари“ во тетовско со капацитет од 1 мегават, втората е во Пелагонија (две по три мегавати).
-Филозофијата на биогасната електрана е едноставна. Треба да се знае дека депониите во Македонија не се палат затоа што таму има запаливи материи, туку бидејќи на нов се фрла и неоргански и органски отпад што се распаѓа. Биогасната електрана е таков обновлив извор на енергија што има за задача контролирано да го доведе тоа до ниво на метан, бидејќи сето тоа и во природата исто така станува метан, се распаѓа, но таму е неконтролирано и прво ги пали депониите, а второ, оди во атмосферата. Биогасната електрана всушност е најголемиот чистач на органскиот отпад во општеството – вели Анѓушев.
Следниот чекор, според Анѓушев, ќе биде тука да се направат оранжерии каде што нема да се користи мазут, туку нус-топлината што се појавува од моторите. Плус, кога ќе заврши целиот процес, кога целата материја ќе скапе, останува нешто како чорба, која се дели на сува материја или чист хумус, како и дел во течна состојба, која е богата со хранливи состојки за земјата, која е течно природно ѓубриво за земјиштето.
– Значи имаме „0“ излез од биоелектраната – вели Анѓушев.
Земјата во Овчеполието ќе биде најплодна
Плановите за идната работа се добиениот хумус и течното органско ѓубриво да се искористат за подобрување на квалитетот на земјиштето со кое располагаат во околината – околу 200 хектари.
-Оваа земја околу нас во Овчеполието е трета-четврта категорија, а предвидувањата се дека по три-четири години и третман со хумус и со течната фаза треба да биде прва категорија – вели тој.
Во биоелектраната во моментот работат 18 луѓе, но тука се и оние вклучени за земјоделските површини, а директно во биогасната централа се шестмина. Дополнително, на земјоделските површини експериментално е поставен подземен систем капка по капка. Посебна е гордоста што сето ова е направено од домашни инженери. Само моторите и генераторите се купени.