Експозе на академик Живко Попов: МАНУ има капацитет да ѝ помогне на државата во справувањето со тешките општествени појави

фото: МИА, прво експозе на академик Живко Попов, претседател на МАНУ

„Нема врвна наука без финансии и нема напредно општество со маргинализирање на науката“, порача новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, во неговото експозе, откако на крајот на ноември беше избран за прв човек на Академијата за мандатниот период 2024 – 2027 година.

Во своето експозе за раководењето на Македонската академија на науките и уметностите во мандатниот период 2024-2027, новиот претседател на МАНУ Живко Попов денеска се осврна на неколку, како што рече, „општествени аномалии“ и „круцијални предизвици на кои би требало да се обрне посебно внимание“ и кои, рече,  се предмет на критики во годишните извештаи на Европската комисија.

Попов во својот говор акцент стави на „генерална партизација“ на институциите, особено во јавната администрација. Притоа нагласи дека треба „час поскоро да се укине балансерот при вработување во институциите“ зашто со него „се испушта критериумот за квалитет и компетентност“. Предупреди и на „руинирање на здравствениот систем, а најголема критика упати за менаџирањето на Универзитетскиот клинички центар.

„Всушност Скопскиот престижен клинички центар во регионот се претвори во единствен на таков начин организиран скап, партизиран и нефункционален болнички систем. На тој начин го снема срцето на македонската медицина од каде излегуваа квалитетни медицински кадри и беше пример за добра здравствена организација. Ако на тоа се додадат ниските лични примања, недоволното финансирање и инвестиции во инфраструктурата и опремата во државните медицински установи, како и слабиот развој на регионалните болници, логичен резултат е масовно преминување на најквалитетните медицински кадри во кои државата со децении вложувала, во приватниот сектор и во странство, со последоватолно руинирање на државниот здравствен систем и загрозување на неговата одржливост“, изјави академик Живко Попов, претседател на МАНУ.

Потценување на научно-истражувачката работа, хипертрофирана мрежа на систем на високо образование, прекумерна употреба на европското знаменце, нефункционален правосуден систем и селективна правда, според попов се најголемите проблеми и предизвици во државата. Исто така, ги посочи и демографските проблеми, моноцентричниот развој на државата што предизвикува масовно доселување во главниот град и миграциите во странство посебно на млад високообразован кадар. Вистина е, кажа Попов дека државата прави бројни квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација.

„Тоа што најмногу ја бранува јавноста и генерира незадоволство е Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители. Имено со судски совет во кој може да членуваат и оние кои никогаш немале врска со судот, а мнозинство има секогаш владеачката политичка структура и со Академија во која се запишуваат кадри повторно според претходно наведените принципи, со што на конкурс за избор на судии и обвинители не можат да се јават и други непартиски истакнати професионалци, правници, во никој случај не е возможно креирање на праведен, непартизиран правосуден систем“,.

Во своето експозе истакна дека состојбата на државата во која општеството е поделено по повеќе основи е комплицирана, па затоа потребно е, пред се, национално единство за најважните државни прашања. Ќе биде неопходно насочување на Академијата кон државата и битно зголемување на бројот на национални проекти во наредниот период, порача Попов.

Смета дека МАНУ „има институционален капацитет преку научно фундирани стратегии да ѝ помогне на државата во справувањето со овие тешки општествени појави“.

Нагласи дека на политиката, партиите и дневно-политичките теми не им е место во Академијата, но дека таа „не смее да молчи ако има знаење, можности и капацитет да советува и да дава стратегиски насоки“.

„Секогаш треба да е присутна и потенцирана самостојната и политички независната позиција на МАНУ. Но, за вакво нешто потребна е поголема гласност на Академијата, повеќе соопштенија, многу повеќе информации до јавноста за тоа што работи МАНУ“, рече нејзиниот претседател во експозето.

Во оваа пригода тој, како што рече, уште еднаш сака да ја промовира „европската идеја за Македонија која е стара колку и земјата македонска“. Истакна дека македонскиот народ е свесен дека е европски народ и дека местото му е во европската заедница на народите и дека евроскептицизмот што се појавил во последно време е „резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат“.

„Тие најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со Договорот од Преспа и оној за добрососедство со соседна Бугарија, кои поминаа всушност без прав референдум, иако по значење претставуваа референдумски прашања, чиишто последици се евидентни и се уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ. Само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ, може да се дојде до разумни решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го притоа културното и историското наследство кое му припаѓа на македонскиот народ, како европска вредност“, истакна претседателот на МАНУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот