Експертите откриваат: Пет работни навики кои можат да бидат знак за скриена депресија

Фото: Pexels/Andrea Piacquadio

Сите поминуваме низ подеми и падови на работа, но ако тешките денови станат ново нормално, можеби го доживуваме она што 280 милиони луѓе ширум светот го доживуваат – депресија. Депресијата е состојба на ментално здравје која може да се манифестира како видлива тага и исцрпеност, но често може да се појави и на неочекувани начини.

„Симптомите на депресија на работа можат да ви се прикрадат и вообичаено е да бидете строги кон себе, наместо да ги препознааете“, изјави за „Хафпост“ психотерапевтот Шенон Гарсија.

Психологот Рајан Хаус открива дека постојаното чувство на безнадежност, намаленото уживање во активностите, губењето или зголемувањето на телесната тежина, нарушувањата на спиењето, заморот, чувството на безвредност или тешкотијата да се концентрирате се симптоми на депресија.

Експертите Шенон Гарсија, Рајан Хоус и социјалната работничка Алиша Велез наведоа пет работни навики кои се вообичаени знаци на скриена депресија.

Работите понапорно од вообичаено за да избегнете да одите дома

Депресијата може да изгледа различно за секого. Некои соработници можеби никогаш нема да погодат дека се бориме со депресија бидејќи сè уште функционираме како вреден, доверлив вработен.

„За успешните професионалци кои ја изградиле својата кариера благодарение на достигнувањата и признанијата на работа, депресијата може да изгледа поактивна“, истакнува социјалната работничка Алиша Велез.

Таа тврди дека пофалбите и признанијата на работа им помагаат на таквите луѓе да се чувствуваат подобро.

Порано бевте „социјална пеперутка“, но сега ги избегнувате колегите од работа

Начинот на кој комуницираме со колегите на работа може да ни помогне да разбереме дали тоа е само лош ден или нешто посериозно. Велез истакнува дека повлекувањето од колегите и изолацијата се два вообичаени знаци на депресија.

„Ова може да изгледа како некој што порано активно учествувал на состаноците, сега е потивок, седи во задниот дел од собата, па дури и целосно го пропушта состанокот. Можеби вработениот повеќе не учествува во активности надвор од работното место или по работното време. Тој или таа наоѓаат начини да избегнат интеракција со колегите или менаџерите“, објасни таа.

Во екстремни случаи, лицето кое го покажува ова однесување може да има проблеми на работа и да биде изложено на ризик да ја изгуби работата, што исто така може да резултира со циклус на срам и вина.

Континуирано пропуштате рокови и состаноци

Ако завршувањето на работните задачи на време или дури и доаѓањето на работа станува секојдневна борба, тоа може да биде и симптом на депресија, вели Хаус.

„Познавав некој кој уживаше во неговата работа, беше активно вклучен во неговите проекти и имаше многу контакти со своите соработници. Кога падна во депресија, почна да доцни на работа. Покрај тоа, доцнеше со роковите, престана да оди на ручеци со колегите и стана многу критичен кон себе и кон колегите“, сподели психологот.

Тој вели дека сите овие промени ги забележале неговите колеги и претпоставени кои му пришле и го охрабриле да побара помош.

„За среќа, тој го направи тоа, и со комбинација на промена на исхраната и спиењето, започнување терапија и добивање рецепт за антидепресив, се чувствуваше подобро за неколку месеци“, објаснува Хаус.

Имате испади на бес  на работното место

„Депресијата може да ве направи раздразливи“, предупредува Гарсија.

Ако секое ситница ни го одвлекува вниманието на работа, тоа би можело да биде сигнал за потребата  подлабоко да се истражи причината. Луѓето со депресија се соочуваат со симптоми на отворен или потиснат гнев и може да ги направат своите колеги цел на нивниот гнев.

Ја губите мотивацијата или интересот за работата во која уживавте

Има разлика помеѓу еднократна здодевна задача и загрижувачка шема на апатија. Гарсија советува да се обидеме да забележиме промени во тоа како се чувствуваме за работата што ни причинуваше задоволство.

„Можеби ќе се најдете како бесцелно гледате во вашиот екран, се преправате дека сте зафатени или правите нешто друго освен она што треба да го направите“, објасни таа.

Ако се препознаеме во овие знаци, експертите советуваат:

– Слушајте што телото ви кажува за здравјето
– Разговарајте со саканите и блиските за тоа како се чувствувате
– Побарајте стручна помош
– Сфатете дека малите победи прават разлика
– Важно е да запаметите дека иако депресијата е сериозна состојба на менталното здравје која погодува милиони луѓе секој ден, таа може да се контролира

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот