Експерти: Амнестијата пречесто се користи, а не е трајно решение

Затвор Идризово Фото: Фејсбук Кренар Лога

Амнестијата го решава проблемот на пренатрупаност само на краток рок. На долг рок проблемот треба да се решава системски, со почеста примена на алтернативните санкции и мерки и со почеста примена на условниот отпуст, вели професорката Александра Груевска Дракулевски.

Институтот амнестија пречесто се користи и оттука е и впечатокот за можна злоупотреба на амнестијата во политички цели, е заклучокот на кривичарите што ги консултираше „Слободен печат“ во врска со разидувањата помеѓу владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците за Предлог-законот за амнестија. Ова недоразбирање го наметна прашањето дали пренатрупаните затвори во земјава е подобро да се растоварат преку амнестија на затвореници за лесни кривични дела или преку пробација, односно преку алтернативните санкции и мерки, како и условен отпуст.

Како што веќе објавивме, СДСМ претпочита растоварување на затворите преку пробација, додека министерот за правда Кренар Лога предлага амнестија.
Новиот закон за амнестија не помина на владината седница и е вратен на доусогласување со надлежните институции. Освен тајмингот за носење на законот, односно по усвојувањето на измените на Кривичниот законик што предизикаа бурни реакции, кај СДСМ има отпор и за тоа кој сè ќе биде ослободен од затвор со законот за амнестија.

Професорката Александра Груевска Дракулевски од Институт за казнено право, Катедра за криминологија и пенологија на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ смета дека институтот амнестија почна многу често да се користи, па оттука впечатокот во јавноста за можните злоупотреби од неговата примена во политички цели. Таа потсетува дека во 2018 година беше донесен Закон за амнестија поради сериозната пренатрупаност на затворите. Во тој период, затворскиот систем се соочи со проблем на едно легло во просек да има по 1,5 затвореници.

Александра Груевска Дракулевски Фото: Фејсбук Груевска Дракулевски

 

– Тогаш беа пуштени 815 затвореници, а состојбата со сместувањето во затворите се релаксираше, но само на краток рок. За неколку години повторно се преполнија затворите. Голем број од амнестираните сторија нови кривични дела и се повторно на издржување казна затвор за новите дела. И во моментов затворскиот систем е под притисок од пренатрупаност – вели Груевска Дракулевски.

Повикувајќи се на податоците од Управата за извршување санкции, објавени на нивната интернет-страница, професорката вели дека во затворите има 2.237 лица, а вкупниот капацитет на легла е 2.113. Со новиот закон за амнестија, таа очекува да се намали притисокот врз затворите со ограничени капацитети.

– Но, морам да нагласам дека амнестијата не е долгорочно решение на проблемите со кои се соочува затворскиот систем и кои со години се нотираат во извештаите на Комитетот за превенција од тортура, Националниот превентивен механизам и други институции. Амнестијата го решава проблемот на пренатрупаност само на краток рок. На долг рок проблемот треба да се решава системски, во согласност со препораките на Советот на Европа, и тоа со почеста примена на алтернативните санкции и мерки и со почеста примена на условниот отпуст – вели професорката.

Таа додава дека Советот на Европа во своите препораки истакнува, а и истражувањата потврдуваат, дека алтернативните санкции и мерки и условниот отпуст се ефикасни средства за превенирање на повратот и промовирање на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, но и ефикасно средство за решавање на проблемот на пренатрупаност и избегнување на т.н. „криминална зараза“ на осудените лица.

– Оттука, треба да се зајакнува пробациската служба која е надлежна за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, како и за извршување на условниот отпуст и надзор над условно отпуштените лица – смета Груевска Дракулевски.

Отпор против нова амнестија има и откако се навести дека е можно со законското решение да бидат опфатени и осудените од „27 април“, како и изборните нерегуларности, ако за тоа има договор помеѓу СДСМ и ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, што од Алијанса за Албанците категорички го одбиja, но и порачаa дека ако се турка амнестија за „Крвавиот четврток“, тогаш на маса ќе биде ставена и амнестијата за терористите од „Диво насеље“ и „Монструм“.

Фото: Цивил Медија / принтскрин

Директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ не сакаше да коментира за новиот закон за амнестија што го предлага Министерството за правда пред тој да биде донесен. Тој вели дека од донесувањето на законот за пробација во 2015 година и од отворањето на првата канцеларија за пробација во 2017 година, досега има напредок во користењето на алтернативните казни наместо затвор.

– Во моментов работат 28 пробациски службеници, активни се девет канцеларии и има повеќе од 450 активни пробациски предмети. Замислете уште тие да се в затвор. И во проектот „Поддршка од ЕУ за владеење на правото“ има компонента за алтернативните казни, што значи дека и Европа го поддржува развојот на тој систем. Каков ефект ќе има оваа амнестија, ако биде донесена, да почекаме и тогаш ќе видиме што тоа ќе значи во бројки – ни изјави Стојановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот