Ексклузивно интервју со Калиопи: Ромео е циник со покритие и бескрајно романтична душа

Калиопи и Жељко Самарџиќ/Фото: Мартин Шишковски

Секоја приказна која со себе ја носи Калиопи е на свој начин впечатлива и уникатна. Долги години ја немаше на концерт во Македонија, па се случи велешкиот минатата година, и општиот впечаток на многумина беше дека и кога не е присутна, таа е присутна – како постојано да настапува на концерти кај нас. Долги години немаше нова песна, па се случи „Знам“, дуетот со Жељко Самарџиќ, балада која на прва го освои регионот. Своевремено пееше „Не ми го земај времето“, а времето за Калиопи како да не постои. Времето не ѝ го зема Ромео Грил, некогаш сопруг, а денес близок пријател и најверен соработник, времето остана на нејзина страна и кога е изгледот во прашање, една насмевка и фотографија без шминка на Инстаграм за неа е повредна од милион филтери. Во екслузивното интервју за „Слободен печат“, Калиопи зборува за својата музика, за покојниот татко, за синот Пако, за Ромео некогаш и сега, но открива и дека е подготвена некој повторно да ѝ го освои срцето.

Калиопи и Жељко Самарџиќ/Фото: Мартин Шишковски

Во целата кариера немаш снимено многу дуети. Како се роди убавата балада „Знам“, како падна изборот токму на Жељко Самарџиќ и што најмногу ве поврзува со Жељко?

– Да, така е. Веројатно затоа што дуетот го доживувам како интимен чин, па затоа и не можам да го делам со кој било. Исто како и во љубовта – не се дели перницата со секој! Жељко беше изборот и пред да се роди „Знам“. Ние двајцата посакавме песна од маестро Грил, а тој нашата желба ја преточи во реалност.

Ромео неодамна беше во Скопје, се видовте повторно по цели три години. Какво е чувството да не си во физички контакт толку долго време со некој што е толку близок, и како го доживеавте тој момент на „повторно обединување“ како што напиша на Инстаграм?

– Па добро, се видовме по три години, но ние сме секогаш во контакт. Ромео кога доаѓа во Скопје, си доаѓа дома. Повеќе двајцата реагиравме емотивно на средбата, заради состојбите кои последниве години го туркаа светов во непознат правец. Повторното обединување беше насочено кон нашата креативна работа.
Иако двајцата често споделуваме разни животни теми, од каде и црпиме инспирација.

Рече дека Ромео донел две убави песни. Кога ќе ја слушнеме и другата, и дали конечно ова е најава и за нов албум и концерти во Македонија?

– Во моментов започна и трае промоцијата на првата дуетска песна „Знам“, која од првиот момент го освои регионов, па веројатно таа и ќе го диктира тајмингот за промоцијата на следниот сингл. Секако дека размислуваме за албум, но пред сѐ, и за нова песна на македонски јазик, со која би ја најавила својата турнеја во Македонија.

Фото: Мартин Шишковски

Како изгледа работата со Ромео во студио? Дали знаете да не се согласувате, да се скарате околу некоја песна, му се спротивставуваш ли често и кој најчесто победува?

– Ромео е, пред сѐ, голем професионалец. Тој секогаш совршено знае што сака да постигне додека создава една песна и што бара од своите соработници. Јас во студио потполно им се препуштам на неговите сугестии, бидејќи бескрајно верувам во неговите продуцентски способности. Сме знаеле и да се искараме во студио, како не! Но тоа биле конструктивни кавги, во име на продуктивноста во работата, кои секогаш завршувале со смеа правејќи шеги на своја сметка. Најчесто тој е оној кој е во право, но умее многу добро да го прати и почитува мојот внатрешен глас.

Каков е Ромео како човек, колку од помладиот Ромео со кој некогаш беше во брак сѐ уште гледаш во неговата личност и постапки?

– Ромео е перфекциониста, со строги манири, циник со покритие и бескрајно романтична душа. Од помладиот Ромео највпечатлива беше поетската душа, која ја има и ден-денес.

Како е Пако, колку тој е запознаен со вашата заедничка работа и музика?

– Пако е добро. Тој секогаш го следи она што го работиме, внимателно ги слуша новите песни, а ние неговото мислење.

Во еден период комплетно се повлече од македонските медиуми. Немаш одржано концерт многу долго време, не сметајќи го оној убав концерт во Велес лани. Која е најглавната причина за тоа?

– Не постои главна или споредна причина за тоа… Едноставно, многу патував, имав големи концертни турнеи надвор од Македонија и кога се враќав дома, самата асоцијација на дом ми беше моето засолниште, прибежиште, место за одмор. Веројатно затоа и се опуштив до таа мера, што заборавив дека и тоа мое дома чека на концерти.
Потоа следеше пандемијата, лошите денови со короната која ме зароби дома, па имав доволно време да размислувам за себе тука, во Македонија… од таму и се изнедри тој спонтан концерт во Велес…

Фото: Приватна архива

Во меѓувреме, интензивно работеше во Србија, во Босна и во Хрватска. Како се чувствуваше пред тамошната публика и медиуми: како музичар-ѕвезда која повторно се враќа на сцената, имаше ли во некои моменти чувство дека одново треба да се докажеш, барем за помладата публика?

– Мојата музика е мојата најсилна алатка и карика меѓу мене и мојата публика. Сите мои концерти, без оглед на географската или генерациска поделеност, биле посебно доживување и емоционално патување за публиката, а и за нас (мојот бенд и мене), на сцена. Затоа, бев многу среќна што сето она што со години го живеевме надвор од Македонија, го пресликавме помножено со два, на велешкиот концерт.

Твој голем успех е музиката за балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, колку од твоите интимни чувства пренесе во музиката за ова дело?

– За среќа, бев многу инспирирана при создавањето на оваа музика… Ова е втор заеднички балет, со Олга Панго, во продукција на Националната опера и балет. По прекрасните изведби и овации во Скопје, Битола, Велес, Куманово, Пловдив, наскоро „Госпоѓиците од Авињон“ ќе ја доживее и својата премиера на 6 мај во Народниот театар во Белград.

На Инстаграм знаеш често да објавиш природна фотографија, без шминка и без филтер. Дали ова доаѓа со искуството и со зрелоста и дали можеби е порака за младите кои објавуваат фотографии кои се сосема спротивни?

– Преферирам природност, па дури и на овие години коишто ги носам со леснотија. За мене е поважен моментот во фотографијата, бидејќи една насмевка може да засени и најсовршен мејкап или филтер…

Кој е твојата најголема утеха, рамо за плачење, некој на кој безрезервно му веруваш?

– Моите пријатели, моето второ семејство, се оние на кои секогаш можам да се потпрам, да им верувам… Тие сами ќе се препознаат во овие редови.

Минатата година почина твојот татко, со кој поминуваше доста време и се грижеше за него. Повозрасните луѓе, на залезот од својот живот стануваат како деца, а улогите се менуваат, децата се грижат за нив. Како ти ја доживеа таа промена?

– Јас до крај останав неговото дете, а тој мојот татко. Иако последните години ги заменивме улогите околу грижата, не ги заменивме животните улоги… И токму поради тоа сум му бескрајно благодарна… Но, кога тој замина, со себе ја зеде и малечката Опи. Не се разделив само од него, туку и од дел од себеси…

Фото: Приватна архива

Имаше два брака зад себе, голем пријател си и со Васил Зафирчев и со Ромео. Би сакала ли повторно некој да ти го освои срцето, некој со кого би го делела животот и домот сега или во иднина?

– Секако… Зошто да не? (се смее)

Која е твојата најдобра и највпечатлива особина, а што е она што би сакала да го смениш кај себеси?

– Искреноста е сигурно мојата највпечатлива карактеристика што ме одвојува во овој свет преплавен со лажни вредности. Можеби би требало да се обидам во одредени ситуации и со одредени луѓе да не сум до толку транспарентна со своите размисли… Но, мислам дека за такви промени е веќе предоцна. Таа сум која што сум и која што сакам да бидам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот