ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | Елена Ристеска: По 20 години кариера природно е да се жнее она што било посеано и вродило со плод

елена ристеска
Фото: Приватна архива

Иако изминатиов период е во некакво музичко затишје Елена Ристеска е повеќе од активна на многу други креативни полиња но и мошне успешна во сето тоа. А како потврда дека е посебно успешна и во нејзината дваесетгодишна кариера мошне јасно говорат интернационалните награди кои  згуснато се редат изминатиов период. Ажурна и внимателна во градењето на кариерата но скоро брутално искрена во искажување на своите ставови ни открива што се‘ професионално ја окупира деновиве.

 

Во време кога сте по малку притаени на македонската естрадна сцена,  гласно одекнавте на неколку интернационални. Ве изненади ли ваквото препознавање надвор од границите во форма на награди?

Не ме изненадува ништо што доаѓа од странство, затоа што ми се докажало низ годиниве дека насекаде ме ценат и почитуваат надвор од нашите граници. За странците ние сме нешто посебно како нација кога е музиката во прашање, за нив она што доаѓа од Македонија е со посебен талент за пеење.

После 20 години кариера природно е да се жнее она што било посеано и вродило со плод, да се собираат награди и признанија за претставување на македонската музика во светот. Впрочем од самите почетоци ја претставував мојата земја на фестивали како “Сунчане Скале” во Црна Гора, “Голден стаг” во Романија, па потоа како претставник на “Евросонг” во Грција, “Радиски фестивал” во Белград, Србија каде бев прогласена за најдобар изведувач и победник според Радио ОСМ Пале-Република Српска, “Балтик Сонг фестивал” во Шведска итн. Со тоа стекнав почит и фанови насекаде низ светот, особено после Евровизија.

Дуетите кои ги испеав со Хари Мата Хари, група Регина, Данијела Кариќ и други , исто така придонесоа за афирмација на мојата музика на Балканот , но и на мојата Македонија, нарекувајќи ме “македонка” во сите натписи. Догодина имам јубилеј од 20 години кариера, и се’ уште го веам македонското знаме насекаде во светот без финансиска поддршка од државата, секогаш од приватни буџети или платено од организаторите и на тој начин ја претставувам оваа наша земја.

Последниве години бев прогласена за “Најдобра пејачка од Македонија” во Софија, Бугарија, за “Најдобра пејачка од Македонија” во Хамбург, Германија,  за “Дама на годината” во Врњачка бања, Србија,   потоа “Личност на годината” помеѓу 7 најуспешни жени од регионот, во Сокобања, Србија, па “Претставник на македонската култура во светот” во Истанбул, Турција, а неодамна бев одбрана како дел од главната комисија за избор на пејачи и песни на фестивалот “Наше море, наше скале” кој ќе се одржи во јуни 2022година во Херцег Нови, Црна Гора, заедно со Џорџе Давид и Данијел Алибабиќ.

Нивната доверба во мене како музичар е огромна, па покрај тоа што сум дел од комисијата, станав и дел од организацијата на фестивалот. Се прашувам дали некогаш во Македонија ќе почнеме да го цениме своето повеќе од туѓото? Поради оваа причина станав еден од основачите на “Комора на музичари на Македонија“ каде бев избрана за Претседател на Централниот одбор и член на Управниот одбор на Комората со надеж дека многу нешта во музиката во оваа земја ќе се променат.

 

Додека трае “музичкото затишје“ се артикулирате на друга тема – убавина. Од каде и од кога доаѓа поттикот, нешто кое тлеело или е нешто ново откриено?

Желбата за создавање и креативноста уште од дете биле дел од мојот карактер. Најпрво правев велосипеди од жица и секако накит, цртање слики за кои имам 30-тина признанија и први места, шиење и креирање на облеки за куклите и за себе, глума, фотографија, моделство, танцување и уште мал милион таленти кои ги поседував меѓутоа секогаш преовладуваше музичкиот талент: пеењето и пишувањето текстови и песни. Како и во секоја друга професија музиката си бараше максимална посветеност и фокус како моја прва љубов , па автоматски ги оставив сите други таленти на страна.

Со тек на годините , почна да ми се раѓа желбата да имам свој бренд, да инвестирам во нешто друго покрај музиката. Па покрај козметиката и желбата за парфем со мој потпис имаше и други идеи за брендови кои во иднина ќе ги реализирам, но, секако мора чекор по чекор за да вроди со плод. Секако репер ми се светските ѕвезди, скоро секоја од нив има свој бренд , особено парфем со нивно име.

А другата страна на приказната е дека со години ми плаќаат солидни буџети годишно за да рекламирам туѓи брендови, па оттаму дојде и поттикот да почнам да рекламирам свој бренд, бар себе не морам да се плаќам за заштитно лице, ха ха.

Најсреќна сум што веќе имаме лојални клиенти на Ера козметика, луѓето го препознаваат квалитетот и трудот вложен во мојот козметички бренд. Иако парфемите се конструирани од амбалажи, состојки и репро материјали кои се странски производи , италијански, француски, турски, сепак машкиот и женски ЕРА парфем е изработен и склопен тука во Македонија и затоа се смета за македонски продукт. Меѓутоа квалитетот кој е во сооднос со големата инвестиција и изборот на најдобриот тим од технолози ги прави сите изненадени како една пејачка може да направи толку добар парфем што не е дел од мојата примарна професија.

 

Изненадивте со вашите изработки на накит, но не само како сосем нов интерес туку многу повеќе со талентот кој се чини како сериозна конкуренција на музичкиот. Како тече целиот проект и лансирањето?

Во врска со креирањето на накит се’ уште работам на најсовршената изработка на логото пред се’ како база за цела линија, па потоа и сите потребни детаљи околу истото. За почеток ќе изработиме сребрен накит кој ќе биде со добра заштитна обвивка за да биде што поквалитетен, а во подалечна перспектива имам желба да креирам златен накит и луксузен накит со дијаманти. Нешто што и јас би го купила и носела. Овој бренд како и брендот за облека ми носат посебен предизвик и возбуда додека ги креирам, па затоа и ми треба време да ги изработам и создадам затоа што не сакам да погрешам ниту во една ситница. Перфекционизмот и во музиката и во другите професии ме прави бавна во реализацијата. Со години чекам да се појави и сними правата песна, правиот албум и идеја за истите, така и со се’ останато.

Но, откако започнав со креирање на ЕРА брендовите така започнав и нова ера во мојот живот и кариера.

елена ристевска
Фото: Приватна архива

 

Звучи помалку зачудувачки да зад некој на толку млада возраст стои скоро дваесетгодишна кариера. Тоа е некако и обврзувачки кон фановите. Кога може да очекуваат да ги почестите со музички подарок?

Последниве неколку години иако бев посветена на брендот за козметика, имав мал милион понуди за песни и соработки, и работев на нивна реализација, меѓутоа како проаѓа времето и годините станувам премногу пребирлива , токму заради таа одговорност што ја имам кон фановите.

Но, многу ми е важно да отпеам нешто што мене ќе ми ја отвори душата и ќе ми ја извади емоцијата, што мене пред се’ ќе ми се допадне, само на тој начин публиката ќе ја доживее пораката.

“Текила и лимон” беше еден пример дека луѓето надвор од Македонија знаат да почувствуваат модерен призвук, но не и дел од луѓето во Македонија. За мене тоа беше навреда како музичар, да донесеш нов звук и цел Балкан да го копира и постира, а луѓето во твојата земја да го критикуваат до толку што размислувам дали да се трудам на оваа земја да и донесам нешто модерно и ново преку мојата музика или да одам по принципот на “комфор зона” и да направам веќе чуена шлагерска мелодија. Како и да е, имам неколку демо песни и дел од нив се мојот “ас во џебот” па наскоро ќе се потрудам да ги претворам во аудио и видео реализација.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот