Зеленчук , Овошје , Тезги , Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Зеленчук , Овошје , Тезги , Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Економски патриотизам – правиме кампањи со увозен зеленчук и овошје

Која е смислата на најновата кампања „Македонско најдобро“, прашуваат граѓаните, кога во земјава се увезуваат пиперки од Грција, Хрватска, Турција и Косово, кромид од Австрија, Грција, Хрватска, Египет, Холандија, препакуван ориз од Кина и грав од Таџикистан и Киргистан, домати од Албанија, Грција, Србија, Турција и Косово, па дури и од Полска, моркови и тиквички од Грција, Албанија и Турција, лубеници од Албанија и Турција, јаболка од Полска и Србија итн.

Која е смислата на најновата кампања „Македонско најдобро“, прашуваат граѓаните, кога во земјава се увезуваат пиперки од Грција, Хрватска, Турција и Косово, кромид од Австрија, Грција, Хрватска, Египет, Холандија, препакуван ориз од Кина и грав од Таџикистан и Киргистан, домати од Албанија, Грција, Србија, Турција и Косово, па дури и од Полска, моркови и тиквички од Грција, Албанија и Турција, лубеници од Албанија и Турција, јаболка од Полска и Србија итн.?

Земјава троши милиони евра за увоз на секаква храна, а најголемиот дел од земјоделските и другите производи влегуваат во земјава со „0“ царини поради Цефта договорот. Евентуално новата промоција на Министерството за земјоделство, би имала смисла од 15 јули до 10 август, кога стасуваат нашите зеленчуци и овошје, но тоа повторно се совпаѓа со пикот на нивниот извоз, токму во екот на туристичката сезона во регионот, кога тие производи се најбарани.

Нејсе, пред претстојните избори, Министерството за земјоделство ќе се обиде да го зајакне и да го зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи, соопшти минатата недела, министерот Цветан Трипуновски.

– Кампањата „Македонско најдобро“ ќе биде препознатлива по специфично лого што преку сонцето и почвата нè потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни квалитетни земјоделски производи – рече тој.

Одвреме-навреме и во недостиг на други идеи, властите во земјава посегнуваат по вакви кампањи, а една од најпознатите „Купувајте македонски производи“ беше најавена за есента 1999 година. За неа се дебатираше надолго и нашироко, но сепак за првпат, на македонските граѓани вниманието им беше насочено кон важноста за купување производи од домашно производство. Некои истражувања покажаа дека со неа потрошувачката на домашните производи во Македонија била зголемена меѓу 15 и 20 проценти. За потсетување, првиот спот за оваа кампања беше дело на режисерот Милчо Манчевски, а Никола Груевски беше министер за трговија. Слоганот на кампањата беше: „Мејд ин Маседониа“. За наше добро!

Сличен обид, овој пат преку прикажување на вкупниот промет од македонски производи на фискалните сметки се случи пред 11 години, а тогашната Влада го врати логото „Да купуваме македонски производи“, За наше добро“ „Маде ин Маседониа“ и сонцето на фискалните сметки од 1 јануари 2014 година.

Целта беше да се поддржи домашното стопанство и да се подигне свеста на граѓаните за купување македонски производи, а за тоа мораше да се направат измени на Законот за регистрирање готовински плаќања.

Измените предвидуваа и поврзување на фискалните апарати со Управата за јавни приходи за да се добие поголема прегледност во регистрирањето на прометот што се извршува преку фискалните апарати. Одредбата важеше за фирмите што имаа над 10 милиони денари промет, за угостителите и за бензинските пумпи. За примена на овие одредби компаниите требаше да ги надградат фискалните апарати, а направените трошоци им беа признати и добија даночно ослободување што е законски предвидено.

И во времето на премиерот Зоран Заев беше пуштен апел до граѓаните да купуваат домашни производи за да ја помагаат домашната економија, нашите вредни производители на македонски производи и на македонска квалитетна храна.

За таа цел, во 2020 година, преку третиот пакет мерки беа пуштени во оптек 355 милиони евра на 730.000 корисници, преку платежни картички, ваучери, поддршка за младите и студентите и други мерки. Овие пари преку платежните картички и ваучерите требаше да завршат во македонските компании и бизниси и ќе им помогнат да ги зачуваат работните места, да ја надминат кризата со пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот