Еколошка такса: За да нема ценовен шок, парите да се собираат три години

Од Институтот „Фајненс тинк“ смета дека зелената транзиција не може да се случи преку ноќ и од економска гледна точка е важен ефектот од зголемувањето на цените на горивата врз општото ценовно ниво на краток рок.

Воведувањето еколошката такса врз цената на горивата, ќе има еднократен краткорочен ефект врз инфлацијата, кој би се движел од 0,15 до 0,3 проценти, пресметаа од Институтот „Фајненс тинк“. Според експертите, долгорочниот ефект од еколошката такса врз инфлацијата е потенцијално посилен (0,8 до 0,9 проценти), но емпириските докази за неговата статистичка значајност се поограничени.

– Двата ефекта, краткорочниот и долгорочниот, не треба да се потценуваат. Оттука, препорачуваме еколошката такса да се воведе скалесто, и тоа: 1,5 денари во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022. Со тоа, ценовниот ефект, без оглед колку е мал, ќе биде дополнително разводнет. Силно препорачуваме да се креира Фонд за зелена транзиција, кој ќе осигури дека средствата собрани преку еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата. Во тој контекст, препорачуваме Владата да преземе акција со која ќе го демантира впечатокот дека еколошката такса се воведува за да ги компензира фискалните приходи кои ќе се изгубат поради намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија. Владата, исто така, треба да го отвори прашањето за финансирање на зелената транзиција, за поширока дебата и консултации, вклучително и за алтернативните модели за финансирање, на пример, издавање зелена обврзница – оценуваат од „Фајненс тинк“.

Од Институтот додаваат дека со оглед на тоа дека целната зелена транзиција не може да се случи преку ноќ, од економска гледна точка е важен ефектот од зголемувањето на цените на горивата врз општото ценовно ниво на краток рок.

– Воведувањето на еколошката такса претставува еднократно зголемување на цените со постојан ефект. Воведувањето на еколошката такса може да има преносен ефект врз цените на другите добра и услуги (за чие произвoдство горивата се инпут). Побарувачката за горива е, главно, нееластична на промена на цените, поради што воведувањето на еколошката такса ќе има ограничен ефект врз однесувањето на корисниците, воведувањето на еколошката такса се случува во време кога нерамнотежите кај повеќе добра и услуги на глобалниот пазар (предизвикани од пандемијата) вршат одреден (привремен) притисок врз цените на глобално ниво – велат од „Фајненс тинк“.

Во моментот, измените на законот, со кој треба да се воведе новата еколошка давачка сè уште не се ставени на дневен ред во Собранието. Сите најави одат во насока на тоа дека измените најмногу добијат европско знаменце и ќе се носат по скратена постапка. Тоа значи дека без разлика колку амандмани ќе бидат поднесени – дебатата во матичната комисија нема да трае повеќе од три дена. За гласање на измените е потребно просто мнозинство.

За власта не е битно за колку време ќе трае собраниската расправа, туку да биде донесен законот.

– Дали тоа ќе биде за 10, 15 дена или за еден месец, се работи за денови, но мислам дека ќе бидат донесени и не верувам дека ќе се случи спротивното. Ќе повикам на разум за еколошката такса, затоа што значи инвестирање за нашите граѓани – сигурен е вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторија дека со сите механизми ќе ја блокираат давачката.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на секој можен демократски начин и алатка ќе се обиде и ќе го блокира ова ново покачување од 4,13 денари за литар гориво – изјави Димче Арсовски, портпарол ВМРО-ДПМНЕ. Блокада најави и албанската опозиција.

Премиерот Заев е сигурен дека и покрај најавените блокади, низ дебатата ќе се разбере колку ова е драгоцено и важно за животната средина.

Државата, со поскапувањето на горивата, очекува да собере нешто над 55 милиони евра, кои планира да ги троши за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот