Егзибиција на Најџел Бонд во Скопје

Некогашниот финалист на светското првенство во Снукер, што традиционално се одржува во Шефилд, Најџел Бонд, утре во Скопје ќе одигра неколку егзибициски натпревари со македонските натпреварувачи.

Бонд веќе неколку дена претстојува во нашиот главен град на покана на Македонската снукер федерација, а примарната цел на неговата посета е работата со младите таленти, кои имаат ретка шанса да добијат совети за играта од еден голем професионалец.

– Од тоа што можев да го забележам во часовите поминати со македонските играчи е дека тие поседуваат значителен потенцијал. Доколку продолжи вложувањето во нив со исто темпо, тогаш секако дека тие ќе завршат во високата аматерска класа. За професионалната турнеја, каде можат да се квалификуваат 128 натпреварувачи во една сезона, ќе биде потребно да се појави и некој играч со голем талент за снукер, кој потоа ќе добие и правилен тренинг, но и соодветен третман од вашата држава– изјави Бонд.

Во попладневните часови во „Гран клубот” во Скопје, каде се поставени две маси за снукер, Бонд ќе одигра „симултанка” со македонските натпреварувачи.

– Во Македонија сум петти пат во период од пет години. Многу ја засакав оваа земја и се чувствувам прекрасно додека сум тука. Ги поканувам љубителите на снукерот во Македонија да дојдат на егзибициските натпревари, за да им дадат поддршка на младите натпреварувачи – додаде Бонд.

Што се однесува, пак, до неговото гледање на состојбите во врвниот снукер, без дилема за него најдобар е Рони О’Саливен.

– Рони е најталентираниот снукерист во историјата. Џон Хигинс никогаш не направил погрешен потег, а Стивен Хендри е најтрофеен. Сепак, О’Саливен е генијалецот во нашиот спорт, како Лионел Меси во фудбалот и Роџер Федерер во тенисот. О’Саливен, заедно со Хигинс и Марк Вилијамс направија нешто неверојатно, тие повеќе од 25 години се во врвот ос снукерот и се уште успеваат да освојуваат титули од големите турнири – вели некогаш вториот снкуер играч во светот.

Снукерот во последните години бележи голем развој во Македонија, а сè поголем е и интересот за оваа дисциплина кај помладите. Од федерацијата нè информираа дека снукер не се игра само во Скопје и дека потенцијални репрезентативци има и во другите градови од земјата.

Бонд: Гвардиола е најдобриот тренер

Најџел Бонд е голем снукерист, но и пасиониран фудбалски зависник. Познато е дека тој е голем фан на Манчестер сити, па од таа гледна точка го коментираше и поставувањето на Жозе Мурињо за менаџер на Тотенхем.

– Мурињо ми се допаѓаше како тренер на Челси, но кога седна на клупата на Манчестер јунајтед, ние навивачите на Сити постојано го критикувавме дека го паркирал „автобусот” пред голот на својата екипа. Тој негов стил на одбрана и контранапади не ми се допаѓа. Секако дека ќе ви кажа дека за мене најдобар фудбалски тренер е Пеп Гвардиола. Ниту една екипа во светот нема поголем посед на топката од Манчестер сити. А за тоа е заслужен Пеп – потенцираше Бонд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот