ЕФСЕ ја посочи Народната банка како лидер во регионот во поддршката на развојот на финтек-секторот

Народна банка зграда
Народна банка на Република Северна Македонија / Фото: МИА

Народната банка е лидер во регионот на Западен Балкан во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот. Северна Македонија е единствената земја од регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот. Другите земји од регионот се во фаза на почетни активности – на ниво на обуки и работилници, измени и поставување финтек-регулатива. Северна Македонија е единствената земја во којашто централната банка веќе иницира подготовка на конкретна национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот.

Ова се дел од констатациите изнесени на виртуелниот настан на кој беа презентирани резултатите од Анкетата и Студијата за остварливост за развојот на финтек-секторот, кои ги оствари Народната банка, со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа – ЕФСЕ.

На настанот, како што соопштија од Народната банка, учествувале гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка, претставници на ЕФСЕ, надворешниот соработник кој ја подготви Студијата за остварливост и дел од испитаниците од Анкетата. Во Анкетата зедоа учество претставници на банки, компании кои нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање, инкубатори, акцелератори и партнери за поддршка на малите бизниси, регулатори, државни институции и министерства.

– Финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата, сметаат близу 90 проценти од 220 испитаници. Анкетата покажува дека традиционалните финансиски институции, односно банките и останатите финансиски, небанкарски институции, веќе преземаат иницијативи за финансиска трансформација. Од традиционалните финансиски институции коишто учествуваа во Анкетата, малку повеќе од половината (58 отсто) се изјасниле дека веќе развиваат финтек-производи или услуги, а слична е и состојбата кај компаниите за алтернативно финансирање коишто зедоа учество во Анкетата, при што 52 посто од нив одговориле дека веќе вовеле финтек-решенија, се вели во соопштението.

Кога станува збор за испитаниците од групата регулатори, поголемиот дел од нив, или солидни 76 проценти, сметаат дека тековната регулатива треба да се приспособи кон новите иновативни компании, а 71 посто од испитаниците од групата инкубатори, акцелератори и потенцијални инвеститори сметаат дека државата треба да ги поттикне инвестициите во потенцијални финтек-компании.

Во своето обраќање, гувернерката на Народната банка посочила дека примената на иновативни решенија во финансиската сфера може да донесе огромни придобивки за граѓаните и компаниите, финансискиот систем и целокупната економија. Финтек-решенијата би овозможиле влез на нови учесници и деловни модели на пазарот, раст на конкуренцијата, раст на ефикасноста и трансформација на финансиските услуги.

– Во периодот што претстои, нашата енергија ќе ја насочиме кон активности за повеќе прашања поврзани со финтек-секторот, преку координација со сите засегнати страни во екосистемот. Планираме да му посветиме посебно внимание на развивањето ефективна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиските услуги. Ќе работиме и на поставувањето критериуми за процесот на лиценцирање за новите учесници на пазарот. Ќе ја разгледаме можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија во безбедно контролиран простор (Regulatory Sandbox). Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации. Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-секторот, како една од нашите стратешки цели во наредниот период, истакна Ангеловска-Бежоска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот