Единствен излез и пиротехника – причини за најсмртоносните пожари во ноќни клубови
Од 1940 година кога е регистриран првиот пожар во ноќен клуб во светот, се случиле уште најмалку 24 пожари при што загинале најмалку 2.800 лица. Во новиот милениум, вклучително со последниот страотен пожар во ноќниот клуб во Кочани, се случиле 14 несреќи на различни локации во светот во кој загинале повеќе од 1800 лица.
По страотниот пожар што во неделата наутро го зафати ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 59 лица, а повеќе од 150 се повредени, Асошиетед прес објави подолга листа на кобни несреќи во ноќни клубови, дискотеки и адаптирани простори за забави, кои се случиле во минатиот век низ целиот свет како и во последните 25 години.
Препорачано
Катастрофалната низа несреќи започнува од далечната 1940 година, кога во април пожар ги зафатил украсните завеси на таванот на ноќниот клуб „Ритам“ во Начес, Мисисипи, при што загинале 209 лица. Прозорците од клубот биле затворени со картони за ги спречат намерниците да се пикнат во објектот. Две години потоа, во ноември 1942 година се случува најсмртоносниот пожар во ноќен клуб во историјата на САД, во кој во клубот „Коконат грув“ во Бостон загина 492 лица. По овој пожар се воспоставени нови стандарди за овој тип угостителски објекти во САД и задолжителни стануваат противпожарните системи со прскалки и повеќе достапни излези.
По период од триесетина години без инциденти, во САД во мај 1977 година се случува уште една голема трагедија, пожар во клубот „Беверли Хилс Сапер“ во Саутгејт, Кентаки, при што загинале 165 лица, а над 200 се повредени. Во декември 1983 година во пожар во клуб во Мадрид загинале 78 лица и над 20 се повредени. Во 90-тите години се забележани три големи несреќи со многу жртви, а две од нив се смета дека се од намерно подметнат пожар. Во ноќниот клуб „Хепи ленд“ во Бронкс, маж гневен на својата девојка фрлил бензин и го запалил единствениот излез во њујоршкиот ноќен клуб и ја заглавил излезната врата при што внатре останале заглавени и загинале 87 лица.
Намерно предизвикан пожар е и оној во октомври 1998 година во преполната дискотека во Гетеборг, Шведска, при што загинале 63 лица, а 200 се повредени. Четири лица подоцна се осудени за подметнување на пожарот. Во март 1996 година во диско клубот „Озон“ во Кезон Сити на Филипините загинале 162 лица, повеќето биле студенти што го прославувале крајот на академската година.
Пиротехника во затворен простор
Во новиот милениум, вклучително со последниот страотен пожар во Кочани, се случиле 14 несреќи. Првата во кобната низа е забележана во Кина, во градот Луојанг, кога во декември 2000 година при пожар предизвикан од заварување во диско загинале 309 лица. Во првата деценија забележани се уште 5 страотни пожари со повеќе од 500 жртви предизвикани од пиротехника внатре во објектите за забава. Со пожарот во ноќниот клуб „Стејшн“ на Род Ајленд во САД од огномет што го користел бендот се запалила пената во внатрешноста на клубот при што загинале 100 лица, а повеќе од 200 се повредени.
Во Буенос Аирес, Аргентина, во декември 2004 година во пожар во преполниот клуб „Кромањон“, кој почнал од пената на таванот, загинале 194 лица. Сопственикот на клубот Омар Чабан е осуден на 20 години затвор поради предизвиканиот пожар и поради корупција. Другите добиле помали казни.

Во ноќниот клуб „Кинг оф Денсерс“ во Шенжен, Кина, во септември 2008 година во пожарот што избил на таванот поради огномет, како и во стампедото потоа, загинале 44 лица. На почетокот и на крајот на 2009 година, односно на прослава на Нова година пред клубот „Сантика“ во Бангкок, Тајланд, огномет внатре предизвикал пожар во клубот во кој загинале 67 лица, претежно од изгореници, вдишување чад и од стампедото. Во рускиот град Перм во ноќниот клуб „Лејм хорс“ избил пожар од пиротехника во внатрешноста од која се запалиле пластичните декорации на таванот при што загинале 152 лица.
Од 2013 до 2024 година се случија седум големи пожари, три на европска почва и по еден во Камерун, САД, Индонезија и Бразил. Меѓу најголемите е пожарот во 2015 година во Букурешт кога во клубот „Колектив“, во пожар предизвикан од пиротехниката што ја користел рок-бендот, загинале 64 лица, а 190 биле повредени. Поради овој пожар падна и владата на романскиот премиер Виктор Понта. Во јануари 2013 година во пожар во ноќниот клуб „Кис“ во Санта Марија во Бразил загинаа повеќе од 200 лица, а истрагата покажа дека се запалила пената за звучна изолација на таванот и испуштила отровни гасови од кои се задушиле студентите што биле таму на универзитетска забава.

Минатата година во пожар во ноќниот клуб „Маскарада“ во Истанбул, кој се реновирал, загинале 29 лица, претежно работници и вработени во клубот, лоциран на приземјето и во подрумот на 16-катна станбена зграда.
Во октомври 2023 година пожар од еден ноќен клуб во шпанскиот град Мурсија се проширил на други два клуба при што загинале 13 лица. Во 2022 година ноќниот клуб во индонезискиот град Соронг го запалиле две банди, кои се тепале пред објектот. Загинале 19 лица.

Истата година исто во јануари, од огномет на покривот на ноќен клуб во Камерун се запалиле цевки со гас и во експлозијата загинале 17 лица.
Во Оукланд, Калифорнија, во декември 2016 година еден склад бил преадаптиран во простор за настани и уметници. Пожарот во „Гоуст шип“ почнал во текот на забавата и брзо се проширил при што жртвите биле заглавени на нелегално конструираниот втор кат. Загинаа 36 лица.
Кога ноќните клубови стануваат смртоносни стапици
Ноќните клубови се ранливи на пожари поради комбинација на фактори што сами по себе можеби не се смртоносни, но заедно стануваат бура на уништување.
1. Преполни и темни
Ноќните клубови се така дизајнирани да создадат атмосфера каде што луѓето се чувствуваат транспонирани, изгубени во музиката, трепкачките светла, а понекогаш и во магла од чад од машините (или други извори). Но, истата атмосфера прави неверојатно тешко да се реагира во случај на вонредна состојба. Кога избувнува пожар, темнината и светлата што трепкаат го отежнуваат јасното гледање, а гласната музика ги задушува критичните предупредувачки звуци, како што се упатствата за евакуација. Дејството на алкохолот дополнително предизвикува хаос.
2. Запалив декор
Многу ноќни клубови користат пена за изолација на звук, завеси и вештачки украси за да ја подобрат атмосферата. За жал, овие материјали често се многу запаливи. Во пожарот во ноќниот клуб „Стејншн“ на Род Ајленд во 2003 година, пената за звучна изолација се запалила веднаш кога се запалил огнометот на бендот, создавајќи густ, токсичен чад што ги задушил жртвите за неколку минути. Слично на тоа, пожарот во Кокoнат Грув брзо се проширил поради многу запаливите украси, оставајќи малку време за бегство.
3. Малку излези, често блокирани
Дали некогаш сте забележале дека многу ноќни клубови имаат само еден главен влез? Овој дизајн е често намерен, бидејќи им овозможува на вратарите да контролираат кој влегува и кој излегува. Но, во случај на пожар, еден излез се претвора во смртна стапица. Дури и кога постојат излези за итни случаи, тие често се заклучени, блокирани со мебел или едноставно непознати за тие што влегле од напред. Во многу пожари во ноќни клубови, луѓето биле згмечени до смрт во близина на излезите додека очајните толпи се обидувале да избегаат низ многу мали врати.
4. Брзо ширење на пожарот
Пожарот во ноќен клуб не започнува мирно и стабилно, туку експлодира. Комбинацијата на запаливи материјали, голема концентрација на луѓе и ограничена вентилација, може да доведе до превртување, смртоносен феномен каде што сè во просторијата се пали речиси истовремено.
5. Токсичен чад и паника
Вдишувањето чад е водечка причина за смрт во пожарите во ноќните клубови. Многу материјали за ноќни клубови согоруваат и произведуваат токсични гасови, какви што се јаглерод моноксид и водород цијанид, кои можат да ги онеспособат жртвите за неколку секунди. Дезориентирани, без воздух и често опиени, гостите не можат да го најдат патот до излезот – дури и ако излезот е на само неколку метри.


