Еден против сите, сите против Лавров

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сите министри говорници остро ја осудија руската воена агресија во првиот дел од вчерашната пленарна сесија, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги искористи своите три минути за да го осуди „колективниот Запад“.

Добро е што се одржува Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје и наjверојатно ќе бидат донесени сите потребни одлуки за да се обезбеди иднината на Организацијата, но не се знае колку време ќе траат одлуките, оценија дипломатите со кои разговараше „Слободен печат“ за време на 30. Самит што се одржува во СРЦ „Борис Трајковски“.
И покрај тоа што министрите за надворешни работи на трите балтички држави и Украина го откажаа доаѓањето, откако беше потврдено присуството на рускиот колега Сергеј Лавров, а дел од министрите заминаа уште вчеравечер, веднаш по неформалната вечера, меѓу кои и главната ѕвезда на самитот, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, како и британскиот министер Дејвид Камерон и бугарската министерка Марија Габриел, организаторите го сметаат самитот за успешен со самото тоа што состанокот се одржува и се разговара.
Во првиот дел од пленарната сесија речиси сите министри говорници остро ја осудија руската воена агресија, а Лавров ги искористи своите три минути за да го осуди „колективниот Запад“.

Ковачевски и Османи добри домаќини

Домаќинот на самитот, министерот Бујар Османи, во обраќањето при отворањето, изрази надеж дека нема да се пропушти историската средба, ќе се одговори на тежината на моментот и ќе се обезбеди предвидлива и конструктивна иднина за ОБСЕ.

– Ќе ги пренесам трите пораки дека ОБСЕ опстојува и продолжува да испорачува. Северна Македонија го презеде претседавањето во година на активна војна со невидени закани по европската безбедност и меѓународниот поредок базиран на правила. Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на Организацијата, финалниот акт од Хелсинки и други клучни документи за европската сигурност и човековите права. Војната ги поткопа довербата, дијалогот и нашиот капацитет да испорачаме, а над сè таа ги уништи животите на обичните луѓе, нивното право да живеат слободно, соочени со стравот од војната и создадените воени услови. Во рамки на ОБСЕ дијалогот и соработката беа заменети со поделби и поларизација. Консензусот, често инструментализиран за постигнување национални политички цели наместо да му служи на колективниот интерес, стана оружје, правејќи ги практичните цели далечни и тешко достижни – рече Османи во обраќањето.

Османи додаде дека опстанокот на Организацијата е постигнат, а со поддршка на мнозинството е избегнат дефетизмот, па критична енергија се насочува кон другите предизвици.

– Се чувствувам слободно да кажам дека и покрај пречките успеавме да ја одржиме Организацијата релевантна. Сите заедно успеавме да ја зачуваме ОБСЕ – истакна Османи.

Без оглед на војната во Украина и случувањата на Блискиот Исток, додаде тој, мултилатерализмот останува најдоброто оружје за превенција на конфликти и за надминување на несогласувањата.
Премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на самитот, одговарајќи на новинарско прашање рече дека консензусот што е постигнат Малта да биде идниот претседавач, не е никаква дипломатска победа на Русија, туку е дипломатска победа на ОБСЕ, затоа што беше доведено во прашање функционирањето на Организацијата.

– Ако ОБСЕ пред 30 години ѝ помогна на Македонија, денес Северна Македонија му помага на ОБСЕ да продолжи да биде најголемата регионална безбедносна организација во Европа – истакна Ковачевски.

Осуда на Русија

Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, упати сериозна критика за секој што има намера да го блокира функционирањето на ОБСЕ, затоа што, како што рече, тоа би било директна закана кон нејзините основни вредности и заложби, но и кон животите на милиони луѓе што се обидуваат да ги уживаат основните човекови права. О’Брајан посочи дека ОБСЕ им го покажува патот на владите што работат на промовирање на човековите права и основните човекови вредности.

– Нашето присуство тука не е само привилегија, туку и наш избор, бидејќи сме свесни дека секој од нас работи на тоа да ги достигне аспирациите за остварување на основните човекови права, а токму за ова потребна ни е и помош од нашите партнери. Ја поддржуваме Организацијата не само заради нас. Тука сме да бидеме еден за друг, тука сме за најранливата популација во секое општество – рече О’Брајан.

Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата, додаде, е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година. Американскиот дипломат го дели ставот со неговите колеги дека руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население, за меѓународното право, како и за принципите на ОБСЕ.

– Русија продолжува да ги прекршува начелата на ОБСЕ. Се приклучувам кон гласот на моите колеги, кои ја повикуваат Русија да ги сопре прекршувањата на основните принципи на Организацијата, но не сум сигурен дека се волни да го слушнат. Верувам дека ОБСЕ ќе напредува и дека Малта како претседавач ќе може да заврши одлична работа во 2024 година – рече О’Брајан.

Унгарскиот министер Петер Сијарто изјави дека неговата земја не сака да види луѓе како гинат во војната во нивно соседство.

– Мирот е единствен начин за да се стави крај на војната и да се спречи понатамошно уништување. Не ни треба повеќе оружје во овој регион, ни треба мир – рече Сијарто.

Француските делегати велат дека украинските деца се најголемите жртви на војната во Украина. Тие ја потенцираа потребата за мир и во Нагорно Карабах и ја потврдија француската поддршка во ставање мир во овие области.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека Берлин продолжува со поддршката за земјите од Западен Балкан во нивните напори да се приклучат кон ЕУ, како и за Украина. И шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром, како и неговата финска колешка Елина Валтонен, упатија критики кон руската инвазија врз Украина. Билстром предупреди дека земјите како Молдавија и балканските држави мора да се задржат настрана од руската пропаганда.

Лавров: НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ

Рускиот шеф на дипломатијата Лавров, пак, потенцираше дека земјите од НАТО и од ЕУ ја уништиле воено-политичката димензија на ОБСЕ.

– Организацијата е во лоша состојба и е уништена уште во 1999 година, кога НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја Рзолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и начелото на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше одземено Косово без никаков референдум – посочи Лавров.

Тој ја обвини Европа дека има проблем со фактографијата и со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат на ОБСЕ овие два дена, се подготвени однапред.

– Во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион – рече Лавров.

Тој додаде дека иднината на ОБСЕ е загрозена, главно поради акциите на западните држави.

– ОБСЕ се најде во тешка криза, а нејзината иднина е нејасна. Вие сте виновни што ја доведовте оваа поделба на организацијата, самите иницијатори на оваа идеја ја убиваат ОБСЕ. За нас беше традиционално да одржуваме позитивни говори, но тоа веќе не се случува, бидејќи ОБСЕ стана алатка на Европската Унија – нагласи Лавров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот