ДЗР: Фондот за пензиско и во 2023 година немал доволно средства за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии
Фондот на пензиско и инвалидското осигурување во континуитет се соочува со дефицит на средства. Според податоците од ревизорскиот извештај, приходите од наплатен придонес од плата за пензиско и инвалидско осигурување во 2023 година се зголемени за 13 отсто, во однос на претходната 2022 година и изнесуваат 63.340.987 илјади денари со учество од 65,74 проценти во вкупно остварените приходи.
Препорачано
Оствареното зголемување на приходите во 2023 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така секоја година бележат раст.

Според податоците од графиконот, процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемуваат, а од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2023 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 32,6 отсто.
Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814 лица односно соодносот пензионери/осигуреници изнесува 1:1,70 и истиот бележи мало намалување во однос на 2022 година кога изнесувал 1:1,71.
– Во делот на останати прашања ревизорите исто така ја истакнуваат состојбата во врска со донесениот Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани во декември 2023 година со кој е извршена исплата и тоа на: корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари – се вели во извештајот.
Неоспорувајќи ги заложбите за доделување на финансиска помош на оваа категорија на граѓани, ревизорите истакнуваат дека донесувањето на овој закон кога е извесно дека ќе се спроведат редовните избори за претседател на државата, распишани со Решение на Собранието, како и избор на пратеници во Собранието, за кои се исплатени средства на корисниците на пензија во предизборниот период од месец февруари до април 2024 година во вкупен износ од 1.243.322 илјади денари е во колизија со барањата на член 8-а од Изборниот законик, согласно кој не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати.
Ревизорите укажуваат дека согласно одредбите од членот 8-а од Изборниот законик, исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории по распишувањето на изборите требало да престане да се исплатува се до завршување на изборот на претседател и избор на пратеници во Собранието. Исплатата на средствата се вршела преку разделите на МТСП, Фондот и МОН од кои по денот на распишувањето на изборите спротивно на барањата на член 8-а од Изборниот законик исплатени се средства во износ од 1.750.549 илјади денари.
Ревизорскиот извештај констатира дека фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во Секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Фондот.
– Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеца, за кои Фондот има обезбедено согласности од министерството за финансии, за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места, за кои се исплатени средства во износ од 50.377 илјади денари. Ревизорите укажуваат дека не постои евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски. Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите – се вели во извештајот.
Ревизорите утврдиле слабости во делот на функционирањето на воспоставените внатрешни контроли во процесот на обработка на пензиските досиеја и исплата на пензиските примања, кој се одвива преку воспоставениот електронски систем што влијае на навременоста и точноста на постапката на пресметка и исплата на пензиските примања.

Исто така, утврдени се состојби кои влијаат на квалитетот на извршување на работните обврски на Фондот, како што се неажурност во работењето и постоење на стари и нерешени предмети од пред повеќе години, нефункционалност на системот за евиденција на работното време, несоодветна распределба на работните обврски помеѓу вработените и лицата по договор за дело, поголем обем на работа кај одредени подрачни единици (ПЕ) и потреба од нови вработувања.
ДЗР констатира дека речиси кај сите ПЕ е утврдена состојба на несоодветни хигиенски услови за работа во деловните простории и уништени табли на Фондот, потреба од реконструкции на објектите кои во најголем дел се користат заедно со ФЗО,
Предметите се чуваат во несоодветни услови и постојат можности за нивно оштетување од кражба, влага и поплави и уништени предмети, а исто така, има слаба комуникација и координација на ПЕ со Централата во Скопје.
Државниот завод за ревизија смета дека наплатените придонеси од плата на Фондот на ПИО и во 2023 година не се доволни за покривање на дефицитот од 33% за исплата на пензии. Со извршената ревизија за 2023 година изразено е неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.


