Џонсон и Макрон на Г20 ќе ја смируваат тензијата околу риболовот

Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон на Г7 самитот во Корнвол/ Фото EPA-EFE/PHIL NOBLE / POOL

Францускиoт претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон ќе се сретнат на маргините на самитот на Г20 во Рим, во време кога ескалира спорот меѓу двете земји околу риболовот по Брегзит, објави во петокот Даунинг стрит, пишува Би-Би-Си. 

„Очекуваме премиерот Џонсон и претседателот Макрон накратко да се сретнат на маргините на Г-20“, изјави портпаролот на британскиот лидер, но не откри точни детали за датумот и времето на средбата.  

Лидерите на 20-те најголеми светски економии во Рим ќе се состанат во сабота и недела. 

Има се поголем број спорови меѓу Париз и Лондон: илегалната миграција преку Ла Манш, пактот АУКУС што Велика Британија го потпиша со САД и Австралија зад францускиот грб и, неодамна, прашањето за риболов во британските територијални води по Брегзит.

Според договорот за Брегзит, кој стапи на сила на 1-ви јануари, пристапот на земјите од ЕУ до британските води е регулиран преку издавање дозволи за риболов. Европските рибари можат да продолжат да ловат риба во британските води доколку докажат дека тоа го правеле претходно. Но, за тоа им е потребна дозвола од Лондон, што доведе до спор меѓу двете земји.

Париз му се закани на Лондон со построги здравствени и безбедносни проверки на камионите кои пристигнуваат од британска територија и забрана за слетување на улов на британски рибари во француските пристаништа, барајќи од Британците да издадат дозволи за уште 240 француски бродови, пишува Politico. 

Велика Британија објави дека досега издала 1.673 дозволи за риболов на 12 наутички милји од нејзиниот брег, а 763 од нив отишле на француски бродови, пренесува Ројтерс. Портпаролот на француската влада изјави дека Франција добила половина од бројот на дозволи што ги очекувале. 

Јазикот на силата

Француските власти во четвртокот наредија британскиот брод Корнелиус да остане на француското пристаниште Авр. Британското Министерство за надворешни работи го покани францускиот амбасадор во Лондон да ги објасни активностите на Париз.

Францускиот државен секретар за европски прашања Клемент Бон предупреди дека Франција мора да зборува на „јазикот на силата“ за да го почитува.  

Британскиот министер за животна средина, Џорџ Јустис, ја критикуваше Франција за нејзиниот „запалив тон“ и предупреди дека британските власти би можеле да ги заострат контролите на француските бродови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот