Џафери: Пратениците да кажат дали сакаат работна група за изборите

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги повика пратениците да размислат за формирање работна група за изборните процеси кои ќе следат идната година, односно да се договорат за датумите за претседателските и за парламентарните избори. Краен рок работната група да постигне консензус за датум за избори е до Нова година.

Престедателот на Собранието рече дека за иницијативата за работната група веќе се информирани координаторите на пратеничките групи, како и тие кои не учествуваат на координациите.

– Пратениците треба да кажат дали се подготвени да учествуваат во работната група или не. Немам намера никого да повикувам, а тие треба да бидат одговорни за ова прашање и да ме информираат. Моја одговорност е да распишам избори во редовен термин. Претседателските избори не може да бидат вонредни. Најрано претседателските избори може да се одржат на 14 март, а најдоцна на 8 мај. Но 8 мај е цајтнот, бидејќи инаугурацијата на престедателот на државата треба да биде на 12 мај. Ако вториот круг од претседателските биде на 8 мај, можно е да останеме без претседател на државата ако има жалбени постапки, односно ако има прегласување на неколку гласачки места кои би влијаеле на резултатот на изборите. Ако се остави на мене јас секако не би одлучил вториот круг од претседателските избори да биде на 8 мај. Ако така одлучат партиите, ќе го почитувам тоа, но нивна ќе биде одговорноста ако евентуално не се избере претседател на државата – вели Џафери.

8 мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот терми, односно втор круг од претседателски и парламентарни избори. Но како што укажа Џафери ,8 мај е критичен датум бидејќи може да останеме без шеф на државата и изборите да мора да се повторат.

Според роковникот, инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај 2024 година, кога истекува мандатот на актуелниот шеф на државата.

Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. За да се запазат 60 дена претседателските избори најрано може да бидат на 14 март и најдоцна на 5, односно на  8 мај.

Изборите ги распишува претседателот на Собранието и од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето рокот да не е помалку од 70 дена и повеќе од 90 дена. Ако изборите бидат на 14 март, тогаш Џафери ќе ги распише на 4 јануари. Ако вториот круг на изборите биде на 8 мај, тогаш првиот круг од претседателските ќе биде на 24 април, а изборите ќе се распишатма 27 февруари. Можни датуми за претседателски избори во прв круг на 14 март, 28 март, 11 април , 25 април. Во втор круг 28 март, 11 април, 25 април и 8 мај.

Роковите пак за парламентарните избори кои се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат на пратениците кој завршува на 4 август се најрано на 5 мај и најдоцна на 15 јули за да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот, најдоцна 20, односно 21 ден од гласањето.

Тој информираше дека пратеници од Беса и Алтернатива поднеле барање за оглас за член на Државната изборна комисија.

За предложениот нов деловник на Собранието, чиј предлагач е Џафери, утре почнува амандманската расправа. Како што информираше Џафери, поднесени се триесетина амандмани и тоа од пратениците од Левица, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, а дел од амандманите ги подготвила собраниските служби и ќе ги поднесе тој како предлагач. Се очекува новиот деловник да биде донесен со консензус и најверојатно ќе биде ставен на седницата на 2 ноември. Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот мандат односно тоа првпат ќе биде со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е дека таа седница нема да може да трае повеќе од три дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот