Двојните државјанства ќе се бранат со блокада
ДУИ ќе ги блокира измените на Законот за пратеници со кои се предлага пратениците да имаат само македонско државјанство, а можно е и Законот да го обжалат пред Уставниот суд како неуставен, брифираат партиски извори за „Слободен печат“
Препорачано
Во тензична атмосфера во Собранието почна амандманската расправа за укинување на техничката влада и за предлогот пратениците да имаат само македонско државјанство. СДСМ услови Владата да го повлече предлогот да се укине техничката влада, во спротивно тие ќе се повлечат од работатната група за Изборниот законик. СДСМ достави и свој Предлог-закон со кој се бара, освен пратениците, и сите избрани и именувани функционери да мора да имаат само македонско државјанство. Партиски извори за „Слободен печат“ брифираат дека ДУИ ќе ги блокира измените на Законот за пратеници со кои се предлага пратениците да имаат само македонско државјанство, а можно е и законот да го обжалат пред Уставниот суд како неуставен.
ДУИ може да го блокира Законот за пратеници со амандмани, бидејќи според членот 85 од Деловникот, за тој закон и за уште четири други, филибастерингот може да биде применет, односно да нема временско ограничување за расправа по амандманите. Можно е и ДУИ да го оспори законот пред Уставниот суд, повикувајќи се на членот 23 од Уставот дека „секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“. Поентата е дека никаде во Уставот не е прецизирано дека пратениците мора да имаат само македонско државјанство.
Околу 160 амандмани за двата закона
За двата закони поднесени се околу 160 амандмани, а расправата во Комисијата за политички систем беше прекината за да се преведат амандманите, но и за да се обезбеди поголема сала, бидејќи дел пратеници немаше каде да седнат. Пратениците од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари, Халил Снопче и Ријад Шаќири ја напуштија комисијата откако за нив немаше место во преполната сала.

– Обезбедете услови, прекинете ја седницата и најдете поголема сала, зарем ќе стоиме – довикуваше Снопче.
Веднаш откако претседавачот со комисијата Јован Јаулески ја отвори седницата, пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска побара Законот за Влада да биде повлечен.
– Сметаме дека со овој Предлог-закон се прави нефер однос кон сите кои го донеле пржинскиот договр, кон опозицијата, бидејќи без дијалог со опозиција предлагате закон. Не се создадени услови да има парламентарни избори во кои опозицијата нема да биде дел од 100 дена влада. И ОБСЕ нотираше дека изборите се одржаа во високополаризирана атмосфера и дека на локалните избори градоначалници и функционира промовираа објекти, владини функцинери активно ги промовираа кандидатите надвор од кампања. Носење на законот по скратена постапка е контроверзно. За неполни 20 часа од „пленарката“ се одржува комисија без да се вклучат партиите во дијалог. Државата уште е поларизирана и не е подготвена да се укине техничката влада. Бараме да се повлече законот, а доколку не го повлечете, СДСМ нема да учествува во работна група за Изборниот законик – рече Тренчевска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски реагираше дека Тренчевска предвреме побарала законот да се повлече, бидејќи уште не бил утврден дневниот ред.
– Во другиот дел беа спомнати условите на изборите и извештаите. Во ниеден извештај не се вели дека Македонија нема функционални институции. Советот на Европа донесе одлука да се укине постмониторингот на Македонија, и тоа е знак за зрелоста на институциите. Никој не е виновен што Филипче ја бојкотираше лидерската средба закажана од Мицкоски, таму имаше простор за политички дијалог. СДСМ намерно бојкотира и ми се чини дека си прави алиби за пораз на следните избори – рече Милошоски.
Весна Бендевска од владиниот партнер ЗНАМ му забележа на претседавачот да ја продолжи седницата и да го предложи дневниот ред за потоа секој пратеник да предложи измени или дополнувања.
– Треба да ги прекинете пратениците кога се злоупотребува процедурално и така работиме во тензија – рече Бендевска.
Дијана Тоска од ДУИ рече дека е срамота за Собранието да нема место во салата и колеги да заминат зашто нема каде да седнат.
– Жално е како ги носите законите. Ако ден претходно ги закажувате комисиите, нема време ни да се подготват амндмани како што треба. Ве молам да најдете решение и да се безбеди поголема сала за да може да ги разгледуваме амандманите – рече Тоска.

Откако комисијата го утврди дневниот ред, Тренчевска повторно побара законот за Влада да се повлече, но мнозинството го отфрли предлогот. Во салата настана бучава, Тренчевска негодуваше и велеше дека нема услови за работа, додека Тоска инсистираше претседавачот да најде поголема сала. Претседавачот ја прекина седницата за службите да ги обработат амандманите.
Министри со резервна татковина
Претходно, лидерот на СДСМ Венко Филипче од Собрание му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека не може министрите во Владата да имаат резервна татковина. Тој посочи дека со законските измени што ги предлага пратеничката група на СДСМ јасно ќе се утврди дека носителите на функции во Владата мора да имаат само едно државјанство. Филипче потенцираше дека институциите треба да го утврдат механизмот за спроведување, дека суштината е во политичката одговорност и довербата кај граѓаните.
– Тоа е работа на институциите. Нека го кажат механизмoт. Кога човек ќе даде изјава под материјална и кривична одговорност, тоа е сериозна работа. Но нашата поента е на политичкиот момент. Не може министри во Влада да имаат резервна татковина. Не може министерка во Влада да има пасош, државјанство во друга држава. За чии интереси работи таа министерка и уште еден министер кој што го крие бугарското државјанство? За чии интереси работат тие луѓе? Тоа е прашањето. А се согласувам дека треба дебата анализа кој сето тоа ќе го спроведе, но за тоа, еве, по донесувањето на законот – рече Филипче.

Тој побара Владата да ги повлече измените на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада и рече дека во спротивно СДСМ ќе ја напушти работната група за Изборниот законик.
Портпаролката на Владата Марија Митева најавата на СДСМ ја оцени како „политички незрел потег“ и дека постапувањето на ваков начин не носи ништо добро во интерес на граѓаните. Според Митева, институциите мора да бидат демократски, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ тоа го покажала во секојдневното работење, поради што, како што посочи, „треба да се напуштаат моделите од минатото“.
– Не можам да разберам како Филипче вчера кажа дека имаме пораст на гласовите, а денеска дека е против укинувањето на техничката влада, за која во минатото беа согласни дека треба да се укине – рече Митева.
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ пак, рече дека од авион се гледа „синхронизираноста на темата за државјанствата меѓу структури од Бугарија кои ја пуштаат темата незадоволни од политиката на патриотизам и непопустливост на ВМРО, за разлика од поданичката политика на СДС, со која се налепуваат на оваа тема диктирана од Бугарија како мува на мед“.

– Кога на Бугарија ќе ѝ притреба Македонија во нивната јавност, СДС истиот ден изутрина на прес ја сервира таа услуга за Бугарија. Од целиот процес за државјанства направи циркус и пародија. По истиот принцип, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ може сега да побара да нема златни визи или документи за жителство какви што има првиот човек на СДС во Дубаи? Бидејќи истите тие документи создаваат сомнеж дека би можеле да бидат употребени ако личноста сака да избега од државата поради коруптивни дејствија кои кај овој лик се основан сомнеж – рече Лефков.
Пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова ги предизвика колегите пратеници уште веднаш да појдат на нотар и да дадат изјава дека имаат само македонско државјанство, во спротивно таа смета дека манипулираат со законот.


