Две опции за државна матура: Два екстерни испита и просечна оценка за интерните или полагање по скратени програми

Ученици Фото: mia.mk

Две опции за државна матура се предложени на дебатата што се одржа денеска во организација на собранискиот Клуб за младински прашања и политики – матурантите да полагаат два екстерни испита, а за интерните да добијат просечна оценка од четирите години во средно образование или предметите да се полагаат по скратени програми.

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова изјави дека предложните опции би требало да бидат прифатливи за сите засегнати страни, и за матурантите, и за МОН и за Владата, посочувајќи дека тоа се оптимални предлог-решенија кои се отвориле на денешната дебата.

– Да полагаат два екстерни предмета додека за интерните испити да биде впишана просечна оценка од четиригодишното школување. Скратувањето на програмите произлегува од претходно скратената настава поради ковид-кризата, неможноста соодветно да се следат  сите предавања, како и оскудните технички услови на дел од средношколците, рече Зајкова.

Претседателот на Сојузот на средношколците, Бленди Ходаи изјави дека за нив е прифатлива првата опција, но конечна одлука ќе донесат по состанок со членството.

– За два интерни предмета ќе треба да се напише просечна оценка од изминатите четири години во средно образование. Ќе дискутираме во Сојузот и ако тоа се прифати, ние ќе пратиме образложена форма до Владата и до пратениците, изјави Ходаи.

Сојузот во понеделникот го прекина привремениот бојкот во исчекување на одлука во Собранието каде што е доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование, а во вторникот на нивно барање имаа средба и со премиерот Зоран Заев на која разговараа за измени на концептот на државната матура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот