Лекови апчиња во аптека / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Две фирми цела деценија се главни на тендерите во здравството, покажува истражување на ЦГК

Овие компании, според анализата, имаат значително влијание врз пазарот, што го отежнува влезот на нови понудувачи.

Вредноста на јавните набавки во здравствениот сектор во Македонија во изминатата деценија бележи силен раст, но конкуренцијата не го следи истиот тренд. Ова го покажува најновото истражување „Клучни играчи и конкуренција во јавните набавки во здравството“, изработено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кое анализира податоци за периодот од 2015 до 2024 година.

Според анализата, вкупната вредност на јавните набавки во здравството се зголемила повеќе од двојно – од околу 135 милиони евра во 2015 година на речиси 293 милиони евра во 2024 година. За разлика од тоа, бројот на компании што добиле договори се зголемил само за 12 проценти, што укажува дека растот на средствата не донел и поголема конкуренција.

Истражувањето покажува дека сè поголем дел од јавните пари се концентрираат кај мал број добавувачи. Во 2024 година, десетте најголеми компании добиле околу 49 проценти од вкупната вредност на договорите во здравството. Овој степен на концентрација, според авторите на анализата, е индикатор за ограничена конкуренција и зголемен корупциски ризик.

-Особено загрижувачка е состојбата кај набавките на вакцини и имунизација. Во овој сегмент, околу 75 проценти од вкупните средства биле реализирани преку една компанија, додека дури 97 проценти од договорите биле склучени во постапки со само една пристигната понуда. Овие податоци, се наведува во истражувањето, укажуваат на практично отсуство на вистинска конкуренција – покажуваат податоците на ЦГК.

Како клучни играчи во системот на јавни набавки во здравството се издвојуваат неколку компании кои со години го зголемуваат својот пазарен удел. „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“ се меѓу најдоминантните, а во 2024 година заедно учествувале со околу една четвртина од вкупната вредност на сите договори. Овие компании, според анализата, имаат значително влијание врз пазарот, што го отежнува влезот на нови понудувачи.

– Две компании – „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“, во последната деценија ја зацврстиле својата доминација во јавните набавки во здравството и сега контролираат една четвртина од вкупната вредност на тендерите во овој сектор. Нивниот удел се зголемува на третина кога се анализираат само набавките на лекови, медицински потрошен материјал, медицинска опрема и слично, односно кога се анализира јадрото на здравствените набавки – се вели во истражувањето.

Авторите на истражувањето предупредуваат дека ниската конкуренција, честите тендери со една понуда и долгогодишната доминација на истите фирми претставуваат сериозни ризици за неефикасно трошење на јавните средства. Ваквата состојба може да доведе до повисоки цени, помал избор и слаб квалитет на услугите и производите што ги добива здравствениот систем.

-Податоците покажуваат дека просечниот број понуди на тендерите во здравството за само пет години паднал од 3,30 понуди по тендер (2020 година) на 2,64 понуди (2024 година). Овој пад значи дека се помалку компании воопшто се натпреваруваат на тендерите, што го намалува ефектот на јавните набавки како механизам за ефикасно трошење. Притоа, падот во секторот здравство е поголем отколку во вкупниот систем на јавни набавки во државата, што укажува дека токму здравствениот сектор е особено ранлив. Намалената конкуренција значи помал избор на добавувачи, послаби услови за цената и квалитетот и зголемен ризик од создавање „затворен пазар“ во кој доминираат една или неколку фирми – покажува истражувањето.

Истражувањето покажува дека иако здравството располага со сè поголем буџет за јавни набавки, системот не обезбедува доволно отворен и фер пазар. Без зголемување на конкуренцијата и поголема транспарентност, постои ризик јавните пари да продолжат да се трошат неефикасно, на штета на граѓаните и пациентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот