Две години се чека да се замени скршената опашка: Бикот од скулптура стана канта за ѓубре

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Од Музејот за современа уметност, во чија надлежност е оваа скулптура, објаснуваат дека најголем проблем е што старата опашка е изгубена и треба да се изработи нова, што според нив е долготрајна процедура, која бара средства со кои Музејот не располага.

Повеќе од две години бронзениот бик на улица Македонија е без опашка, а скулптурата вредна 26 560 евра, се претвори во канта за отпадоци. Оние кои ја направија штетата и ја скршија опашката, до денес не се пронајдени, ниту пак се пронајде откинатиот дел, кој пред да го снема, неколку дена лежеше покрај скулптурата.

Во меѓувреме, дупката на скулптурата се прошири и, благодарение на несовесните граѓани, внатрешноста е наполнета со ѓубре, а службите задолжени за одржување на хигиената не се ни обидуваат да ја исчистат.

Скулптурата „Бик“ беше една од првите поставени скулптури во центарот на градот во 2009 година, во рамките на проектот „Скопје 2014“  и чинеше 1 633 440 денари. Нејзин автор е Дарко Дуковски, кој своето дело го објаснуваше како манифестација на сила, но и древен македонски симбол на плодноста.  Поради тоа, бронзениот бик беше многу интересен за посетителите на главниот град и за дел од скопјани, кои го допираа, ги качуваа децата на него, се лулаа на опашката, по што неминовно беше оштетување на скулптурата.

Од Музејот за современа уметност, во чија надлежност е оваа скулптура, објаснуваат дека најголем проблем што досега уште не е поставена нова опашка е што после нејзиното кршење, таа најверојатно била украдена, па треба да се изработи нова. Тоа според нив е долготрајна процедура, која бара средства со кои Музејот не располага.

-Бидејќи ја нема опашката сега е долготрајна и макотрпна процедурата, затоа што треба да се изработуваат нови калапи, да се лее во бронза, која што е скап материјал, потоа да се плати ливница. Во процедура сме да се изработи тоа и да се заврши тој проект. Министерството за култура треба да ни одобри средства, бидејќи ние немаме специјални средства за таа намена – вели Благоја Варошанец од Музејот за современа уметност и додава дека не се знае кога ќе се заврши санирањето, бидејќи сите процеси биле одложени заради ситуацијата со пандемијата.

И додека скулптурите се во надлежност на Музејот на современа уметност со одлуката на Советот на Град Скопје за воспоставување соработка помеѓу Градот Скопје и Општина Центар заради отстапување на чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен- обележјата на подрачјето на Општина Центар, донесена во 2013 година, Градот Скопје ја презеде надлежноста за одржување на спомениците од проектот „Скопје 2014“.

-Околу одржувањето на фонтаните во централното градско подрачје, Советот на Град Скопје донесе одлука нивното одржување да го презеде ЈП „Водовод и канализација“, бидејќи истото е најстручно за оваа проблематика. Во однос на спомениците, за нивното одржување и чистење е задолжен Град Скопје, и нивното одржување го вршат нашите јавни претпријатија, за што не се издвојуваат дополнителни средства – велат од Град Скопје.

Нејасно е чија е надлежноста да ја исчисти внатрешноста на бронзениот бик од насобраното ѓубре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот