Дури 14.000 граѓани за 10 години се откажале од македонско државјанство

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За само десет години 14.076 полнолетни граѓани на Македонија се откажале од македонско државјанство. Станува збор за наши граѓани што заминале на привремена работа во странство, а потоа побарале и се стекнале со државјанство од земја членка на Европската Унија.

Според податоците, оваа бројка најмногу се однесува на оние чија дестинација најчесто им била Германија, земја што не дозволува двојно државјанство кога се бара германско.

– Државјаните на Македонија добиваат отпуст од државјанство на Република Северна Македонија, со цел да се стекнат со државјанство на друга држава, која предвидела во согласност со нивното национално законодавство, поседување само едно државјанство – велат од полицијата.

„Слободен печат“ успеа да стапи во контакт со неколкумина од овие довчерашни македонски, а сега веќе државјани на Европската Унија. Заеднички став на тие што ги контактиравме е дека си заминале од Македонија поради малите плати и лошите политички и економски услови во земјата. Иако им било тешко, сепак морале да се откажат од македонското државјанство за да се стекнат со тоа од земјата каде што живеат.

Меѓу тие што се иселија и се откажаа од македонско државјанство и својот подобар живот го најдоа во Франкфурт, Германија, е и скопјанецот Гоце Стојановски, по професија автомеханичар. Тој со своето четиричлено семејство пред четири години ја напуштил Македонија, а од пред три години е државјанин на Германија.

– Додека живеевме во Скопје, со години работев во автосервис. Никогаш не ни помислив дека на свои 45 години живот ќе заминам да работам во странство. Бев на работна обука во Германија, многу ми се допадна земјата. Додека престојував, таму се запознав со Македонци што работат во голем автосервис. Низ разговор дознав дека може да работам привремено кај нив. По завршување на обуката, останав уште два месеца во Германија. За тој период заработив колку што заработував во Скопје за четири-пет месеци. Кога се вратив во Македонија, не се мислев многу. И јас и сопругата дадовме отказ од работа и заминавме во Германија – вели Стојановски.

Откако добиле право на престој, си ги зеле со себе и децата, вели Гоце.

– Моравме да одиме на курс по германски јазик. Кога и таа пречка ја совладавме, поднесовме барање и добивме германско државјанство. Во старата татковина ни остана имот, кој уште го имаме. Поради пандемијава само еднаш бевме во Македонија на викенд за да се видиме со родителите – вели Стојановски.

Во Офенбах каде што живее, постои мала, но компактна заедница на македонски иселеници. Ниту еден од нив не е без работа, раскажува Стојановски.

– Сите македонски државјани што ги знам и со кои сум постојано во контакт, овде, во Франкфурт, се вработени. Ги има од сите професии. Лекари, медицински сестри, градежници, информатичари… Некои што се дојдени пред мене, имаат добри работни места што се одлично платени. Морам да признам дека на сите ни недостасува Македонија, но го одбравме овој пат, бидејќи тешко дека ќе им направевме добри животни услови на нашите деца во Македонија – смета Стојановски.

Од 1.100 до 1.600 апликации годишно

Анализите на македонската полиција која ги издава барањата за отпис од македонско државјанство укажуваат дека од 2010 година до 2014 година меѓу 1.100 и 1.200 лица годишно добивале т.н. отпуст од државјанство. Бројот на баратели се зголемува по 2015 година.
Од 2015 година, бројката почнува да расте, па од 1.201, во 2016 година скокнала на 1.476, во 2017 година – 1.526, во 2018 година – 1.621, а од 2019 година бележи намалување – 1.326 преклани и 1.240 лица лани.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот