ДУИ бара само премиер, Села албанска цела да е?!

Албанските партии ја засилија националистичката реторика и на десеттина дена пред гласањето на 15 јули ДУИ и Алијансата на Албанците и Алтернатива се тркаат кој повеќе ќе им се додвори исклучиво на албансите гласачи, па лидерот на ДУИ Али Ахмети порачува дека вистинските потомци на Гоце Делчев би биле среќни со кандидатурата за Албанец премиер, а лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села вели дека ќе направат албанска влада како одговор на македонската што евентуално би ја формирале СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Ахмети смета дека Албанците имаат „природно право“ на највисоките функции во државата и денес ја бараат функцијата премиер, а утре и претседател. Тој викендов при обраќање од Камениот мост во Скопје рече дека Албанците биле одговорни како министри за внатрешни работи, за одбрана, претседател на Собранието и со истата одговорност и премиерот Албанец ќе ја води државата.

– Не се каам што сум рекол дека треба да се прифати делчевизмот, значи да се прифати Гоце Делчев, бидејќи соработувал со албанските патриоти. Имам порака за новите политичари на оваа земја, кои прават хомогенизација за едно челично обединување помеѓу нив само премиерот да не биде Албанец, нека се враќаат во минатото и ако имаат почит за Гоце Делчев, ќе видат дека тој има одржано говор пред Албанците со бела капа. Ако тие се потомци на Гоце Делчев, оваа кандидатура требаше да ги направи среќни – рече Ахмети.

Села пак од Струга испрати одговор на идејата што деновиве ја пласираше лидерот на СДСМ Зоран Заев дека, ако треба ќе им даде пратеници на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ за да направат малцинска влада, само ДУИ да не ги условува со кандидатот Насер Зибери.

– Слушам дека Заев и Мицкоски се подготвени да формираат македонска влада. Еве ви кажувам многу јасно и отворено, ако создадете влада само со македонски претставници ние ќе создадеме наша албанска влада –  рече Села на централниот митинг на коалицијата „Сега е време“ во Струга.

Заев не ја исклучува ДУИ од комбинација за Влада доколку оваа партија се откаже од идејата за Албанец премиер, која ја смета за популистичка. Од трибина во Гази Баба тој посочи дека Ахмети сфатил дека ќе загуби на изборите, па затоа почнал таква кампања, а во интервју за МИА вели дека постизборно би разговарале и со ДУИ затоа што СДСМ е основач на концептот едно општество за сите и немаат никакви етнички предрасуди. Заев очекува од 48 до 55 пратеника, па дури и сами да го освојат парламентарно мнозинство, што не значи дека нема да прават владина коалиција.

– Секако ќе правиме коалиција прво за да бидат соодветно застапени етничките заедници. Тоа треба да го правиме во периодот што претстои дури и со 61 пратеник. Еве теоретски, ако народот одлучи да ни даде таква одговорност ние ќе влеземе во коалиција, во разговори, сите опции се отворени, дури и со ДУИ ако го тргне ваквиот услов, ние немаме проблем да разговараме. Алијанса и Алтернатива и тоа како се дел од нашата комуникација. Заедно ги гласавме дел од реформите, уставните промени, Законот за ЈО и верувам дека имаме најмалку минимум соработка за да може да градиме заедничка платформа, владина програма за да успееме како коалиција, а секако постојат и опции помеѓу другите пратеници што ќе бидат избрани. Не се грижам, немам некоја мачнина како ќе се направи влада и парламентарно мнозинство. Важно е владината програма да биде комплетно идентична со нашата програма, секако и од партнерите да прифатиме тоа што е прифатливо и тие нашето – вели Заев за МИА.

За предизборната коалиција со БЕСА тој вели дека ја договарале три недели и дека резултатот е заедничката програма „Можеме“ во која нема национализам, а се промовира еднаквоста во општеството.

Ахмети во интервју за РСЕ, пак, праша зошто има проблем во тоа Албанец да биде премиер.

– Зошто да не инсистираме?! Љубопитен сум да ги слушнам причините на оние што се против оваа идеја. Што и се случи на Македонија со претседателот на Собранието? Тој управуваше на одличен начин и сум слушнал за доста високи проценки од власта и  опозицијата за неговото работење? И ние сме за да излеземе во пресрет, и ние сме граѓани на оваа држава, ова е наша татковина и ние сакаме да ги покажеме нашите способности за управување со неа – вели Ахмети.

Тој вели дека нема Македонци на листите на ДУИ за пратеници затоа што општетсвото се уште е етнички силно поделено, а тие сакаат да креираат идеи за поинакво општетсво но,  „уште постојат предрасуди и ние не можеме да преземеме невнимателни чекори“. Според Ахмети, владите се создаваат со преговори и постојат многу случаи, не само во регионот, туку и во Европа, каде премиер на една држава се избирал од политичка партија која има помалку пратеници.

– Ние не претендираме дека ќе имаме повеќе пратеници од СДСМ или од ВМРО, нашите претензии се дека ќе бидеме победници кај албанскиот електорат и Владата што ќе се формира, ќе биде заснована на преговори – вели Ахмети.

Ако ни Заев ни Мицкоски не направат влада, мандатот ќе оди кај Ахмети

Во ДУИ се убедени дека резултатите од предвремените парламентарни избори ќе бидат слични на оние од изборите во 2016 година кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ освоија приближно ист број пратеници, но недоволно за самостојно да формираат влада.
– Такви се предвидувањата, ДУИ ќе биде клучниот фактор за владата. Во 2016 година мандатот за влада прво го доби Груевски, не успеа. Потоа доби Заев и можеше да не успее, па третиот ќе беше Ахмети да го добие мандатот од претседателот на државата за да формира Влада. Тоа може да се случи и сега и тука нема ништо спорно – рече Османи во интервју за Канал 5.

Тој е уверен дека нивниот, како што вели, натпартиски кандидат Насер Зибери ќе биде новиот премиер.

– Ние не сме од вчера во политиката за да ветиме нешто што не можеме да го оствариме – вели Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот