Државниот завод за статистика набавува 5.650 лаптопи, секој по 540 евра
Државниот завод за статистика склучи договор со Македонски Телеком АД Скопје за набавка на информатичка опрема, чија проценета вредност е 190 милиони денари, односно околу 3 милиони евра.
Според техничката спецификација на набавката, станува збор за набавка на 5.650 лаптопи, од што произлегува дека ДЗР за еден лаптоп ќе потроши 540 евра.
Директорот на ДЗР, Апостол Симовски, вели дека лаптопите ќе се користат за спроведување на пописот и дека со нивната набавка ќе се заштедат пари. Тој објаснува дека, доколку пописот се спроведува со хартија, ќе се потрошат околу 2,5 до 3 милиони денари повеќе.
Симовски најави дека подоцна ќе ни даде повеќе детали.
Спроведувањето на пописот во Македонија Европската Унија го бара уште во првиот бран на бенч марковитге кои државата треба да ги спроведе на својот пат за членство во Унијата. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, завчера му се заложил пред новиот амбасадор и шеф на делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава, Дејвид Гир, дека пописот успешно ќе биде завршен во текот на следната година.