Драстичен пад на цените и туризмот — луксузните хотели во Дубаи поевтинија и до 80 отсто
Додека инфлуенсерите во последните недели и месеци го напуштаат Дубаи поради воениот конфликт меѓу Израел, Соединетите Американски Држави и Иран, кризата значително се одрази и врз туризмот. Хотелите во овој град се соочуваат со голем број празни соби, поради што цените за ноќевање нагло се намалуваат, забележува агенцијата за недвижности од Дубаи, „Аурантиус“.
Препорачано
Дубаи со години важеше за симбол на луксуз, но сега изгледа дека тој луксуз е подостапен од кога било претходно. Хотелите кои вообичаено имаат исполнетост од 80 до 90 проценти, сега бележат значително пониски нивоа на пополнетост, што доведе до општ пад на цените на пазарот.
Луксузните сместувачки капацитети нудат цени далеку под вообичаените, па така ноќевање во хотел со пет ѕвезди може да се најде и за околу 30 евра.
Доколку се пребаруваат понудите на платформата „Букинг“, може да се пронајдат бројни опции во хотели со пет ѕвезди каде едно ноќевање чини помалку од 50 евра. Во хотелите со четири ѕвезди, пак, соба може да се најде и за околу 15 евра.
Покрај тоа, кај повеќето понуди е нагласено намалувањето на цените, односно се прикажуваат пониски износи со прецртани претходни цени. „Аурантиус“ наведува дека цените на ноќевањата во одредени хотели се намалени дури и до 80 проценти.
Светските медиуми веќе извесно време пишуваат за наводниот „пропаднат сон на Дубаи“, што дополнително влијае врз намалениот интерес за патување во овој град.
Американското списание „Њујоркер“ напиша за „распадот на Дубаи како безбедно засолниште“, додека колумнист на „Њујорк тајмс“ поставува прашање дали ова може да биде крајот на Дубаи.
Британскиот таблоид „Дејли мејл“ објави дека инфлуенсерите, познати по својот гламурозен живот во постојано сончевиот Дубаи и по активното користење на социјалните мрежи, биле принудени да заминат. Овој медиум објави десетици текстови за „големиот егзодус од Дубаи“ и за тоа како „сјајната фантазија на инфлуенсерите без даноци се распаѓа“.
Од друга страна, дел од медиумите во Обединетите Арапски Емирати, како и инфлуенсерите на социјалните мрежи, промовираат спротивна приказна, нагласувајќи дека животот се одвива нормално и дека Дубаи и понатаму е безбеден град.
Сепак, бројот на туристи не бележи раст, поради што властите преземаа мерки за поддршка на туристичкиот сектор. Во текот на изминатите две недели беше подготвен пакет мерки вреден околу 272 милиони долари со цел да се помогне на индустријата.
Овој пакет предвидува дополнителни три месеци рок за плаќање државни такси, вклучително и надоместоци поврзани со продажба на хотелски аранжмани и туристички давачки, како и подолг рок за поднесување царински декларации. Властите на Обединетите Арапски Емирати исто така финансираат планови за поттикнување на туризмот по завршувањето на воениот конфликт.
Шарлиз Терон за ноќта кога нејзината мајка го уби татко ѝ: „Пукаше кон нас…“


