„Флитвуд Мек“ / Фото: Universal Archive/Universal Images Group / Universal images group / Profimedia

Достигнаа цена од 25 илјади фунти: Рачно напишани стихови на „Флитвуд Мек“ продадени на аукција

Рачно напишаните стихови и акорди за една од најраните песни на легендарната група „Флитвуд Мек“ се продадоа за 24.700 фунти на аукција во Вокинг, Сари, пишува Би-би-си.

Станува збор за композицијата „Man of the World“, која беше понудена во рамки на наддавање за филмски, телевизиски и музички меморабилии во аукциската куќа „Јубенкс“. Првичната проценка изнесуваше помеѓу 12 и 15 илјади фунти, но конечната цена беше значително повисока. Листот со текстови го купил колекционер од Блискиот Исток, соопштија аукционерите.

Листовите со текстот се дел од оставнината на Питер Грин – соосновач, вокал и главен гитарист на „Флитвуд Мек“. Напишани се со сино пенкало и коригирани со црно мастило. На нив јасно се гледаат три сменети линии, како и една дополнително внесена во последната строфа. За да ги потврди завршните верзии, Грин на крајот од секој ред цртал мала ознака.

„Ова е уникатен примерок кој го прикажува моментот на создавање на една од неговите најпознати песни – напишана токму во период на лична криза што доведе до неговото заминување од бендот“, изјави аукционерот Ендру Јубенк.

„Man of the World“ во 1969 година се искачи на второто место на британската топ-листа и се смета за едно од најзначајните дела на Грин. Тој го основал „Флитвуд Мек“ во 1967 година заедно со Мик Флитвуд и Џон Мекви, но бендот го напуштил во 1970 година.

Јубенк потсети дека на крајот на шеесеттите години „Флитвуд Мек“ ги надминале по продажба и „Битлси“ и „Ролинг Стоунс“, а самиот Грин бил ценет како „гитарист на гитаристите“ од многу музички легенди.

Питер Грин почина во 2020 година на 73-годишна возраст.

Стиви Никс денеска полни 77 години: Иконата чиј љубовен живот ја обележа судбината на „Флитвуд Мек“!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот