Досега само 500 службени возила добиле нови црвено-жолти таблички
При увидот на Општина Гази Баба во однос на менувањето на табличките на службените возила, директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски изјави дека досега од околу 7.500 возила, специјални таблички добиле само околу 500 возила.
Препорачано
Тој посочи дека институциите треба да рационализираат бројот на возила кои ги користат и да ги брендираат со службени регистарски таблички само оние кои ги користат, а другите да ги продадат и да ги расходуваат.
„До денешниот пресек имаме околу 500 брендирани возила, односно возила коишто добиле специјални таблички. Има и голем број возила коишто се веќе во процедура. Ќе оставиме уште две недели да направиме краен пресек“, рече Томовски.
Томовски додаде дека денеска ќе биде објавен и телефонскиот број за граѓаните ќе може да пријавуваат можни злоупотреби, а СОЗР ќе ги препраќа тие пријави до институциите.
„Ние како владина служба од 220 возила коишто ги имаме во наша сопственост, во моментов имаме обележано 50 возила, можеби ќе обележиме уште 10 возила со специјални таблици, а со другите ќе пристапиме кон нивна продажба и расходување со цел да ги заштедиме трошоците во државата“, рече директорот.
Вкупниот број на службени возила е околу 7.500, за кои Томовски вели дека уште немаат точна бројка бидејќи тука спаѓаат и сите возила на МВР, АРМ, АНБ и сите возила на брзата помош.


