Фото илустрација
Фото илустрација

Доналд Трамп нема дерман од велешани: По империјата со лажни вести, ФБИ фати двајца од Велес кои пљачкале злоупотребувајќи го претседателот на САД

Федералното истражно биро на САД (ФБИ) лоцираше двајца Македонци, Горан Спиридонов (25) и Кристина Јанева (39) кои пљачкале постари Американци, на начин што преку интернет им продавале лажни финансиски инструменти на кои стоело името и ликот на претседателот на САД,  Доналд Трамп.

„Слободен печат“ дознава дека обвинетите се од Велес, градот што во 2016 година се богатеше од империја на лажни вести за време на американската претседателска кампања. Десет години подоцна, „работата со странци“ од овој град, зазема поинаков правец.

Безвредни картички им ги испразнија џебовите на Американците

 

Спиридонов, Јанева и другите промотори на оваа измама, според Њујоршкото обвинителство кое ја спровело истрагата заедно со ФБИ, лажно им претставиле на жртвите дека производите „Трамп Бакс“ (Трамп-долари) се поврзани со претседателот Трамп, членови на неговото семејство, членови на Организацијата Трамп и членови на администрацијата на Трамп, и дека купувањето на „Трамп Бакс“ би помогнало во финансирањето на кампањата за реизбор на претседателот Трамп и разни каузи наводно поврзани со него. Така, поддржувачите на американскиот претседател станаа цел на измамници кои извлекле илјадници долари од нив, вклучително и животни заштеди од пензионери.

Според обвинителниот акт во кој имаше увид „Слободен печат“, учесниците во измамничкиот синџир се обиделе и да ги ревиктимизираат жртвите што веќе купиле некој производ од „Трамп доларите“, на начин што ги лажеле дека само ако купат уште производи, дури тогаш ќе може да си ги повлечат парите од претходно купените производи. Сметките на американските државјани биле „цедени“ и така што им било кажувано оти се потребни пари за да ги извадат нивните пари. Сега со обвинителниот акт се бара обвинетите доколку се докаже нивната вина, да ги вратат парите.

Спиридонов и Јанева се државјани и жители на Северна Македонија и сè уште се на слобода, информираше њујоршкото обвинителство.

Обвинението за двајцата е и зашто лажно тврделе дека овие лажни „Трамп-картички“ се „наполнети со десетици или стотици илјади долари во готовина што би можеле да се заменат во банки за време на мандатот на Трамп“.

Но, тоа е лага. Производите „Трамп Бакс“ се безвредни, не можат да се заменат во ниедна банка и немаат никаква поврзаност со претседателот Трамп, со членовите на неговото семејство или со членовите на неговата администрација.

-Обвинетите создале фиктивен финансиски инструмент и го пласирале на пазарот за Американците низ целата земја под лажен изговор дека „Трамп Бакс“ бил поврзан со финансирањето на кампањата за реизбор на претседателот Трамп и други каузи поврзани со претседателот и организацијата Трамп“, рече американскиот обвинител Џеј Клејтон.

Тоа не може да биде подалеку од вистината. „Трамп Бакс“ нема никаква врска со претседателот, кампањата или организацијата Трамп.

Извор - обвинителен акт против Спиридонов, Министерство за правда на САД
Извор – обвинителен акт против Спиридонов, Министерство за правда на САД

Фотографиите објавени од американските истражни власти покажуваат дека освен картички, продавани биле и безвредни монети, сертификати и банкноти.

Лажните финансиски инструменти од „Трамп бакс“ измамата, Извор Department of justice САД
Лажните финансиски инструменти од „Трамп бакс“ измамата, Извор Department of justice САД

Оваа измама е насочена кон многу постари граѓани, искористувајќи ја нивната поддршка за претседателот. Упатуваме пофалба за нашите партнери од ФБИ за откривањето и спречувањето на оваа шема. Важно е да се напомене дека ова однесување можеби уште трае и силно ги повикуваме сите што се негов таргет, да не даваат финансиски информации или средства на кој било субјект поврзан со „Трамп Бакс“ или фиктивните производи, се вели во соопштението за јавноста.

Во различни групи на „Телеграм“ вклучително и такви поврзани со теоријата на заговор „Кју Анон“ во земјава, биле споделувани измамничките објави. „Слободен печат“ пронајде неколку од нив. Главно се тврди дека доколку се купи Трамп-картичка за 100 долари, тогаш купувачот во банка од неа наводно ќе може да извади 10 илјади долари кога Трамп ќе дојде на власт со што ќе се наградат „вистинските патриоти“. Тврдењето е лажно.

Извор: Група на Телеграм QAnon
Извор: Група на Телеграм QAnon

Пленот се мери во стотици илјади долари

Помошник директорот на ФБИ Џејмс Барнакл, вели дека македонските државјани со искористување на името на Трамп, украле стотици илјади долари од Американците.

ФБИ продолжува да ги таргетира измамниците кои ги манипулираат граѓаните на нашата земја, без оглед каде се наоѓаат, додаде тој.

Спиридонов, Јанева и другите учесници во шемата, според американското Министерство за правда, им продавале на американските граѓани „златни чекови“, „членски книшки“, „златни значки“, „Трамп долари“, „Трамп чекови“ „златни Трамп чекови“, „дијамантски долари“ и други лажни производи под банерот на непостоечкиот „банкарски систем за попуст на Трамп“ (TRB – Trump Rebate Banking System).

Јанева им пласирала на жртвите неколку лажни производи, според обвинението. Подолу е пример за „Руби сертификат“ пласиран на пазарот од неа, за кој лажно тврдела дека е издаден од организацијата на Трамп. Само за овој сертификат, како што се гледа од него самиот, извлечени се пет илјади долари од жртва, со наводен попуст од првичните 13.600 долари со таканаречено „премиум-членство за патриоти“.

-Јанева креирала веб-сајт за непостоечката организација „Банка на Трамп“ на кој биле рекламирани лажни сертификати, пишува во обвинението за неа објавено на сајтот на Министерството за правда на САД.

 

Извор - Министерство за правда на САД
Извор – Министерство за правда на САД

Спиридонов пак, рекламирал други лажни „Трамп долари“ производи на кои наседнале жртвите. Имено, по мејл им испраќал производи наречени „патриотски орел“ на американските државјани и ги лажел дека им го испраќа самиот Трамп, и ако го купат, ќе може да го заменат за 10 илјади долари кога Трамп ќе биде реизбран за претседател на Америка.

Спиридонов лажно тврдел дека е „клучно“ жртвата да купи таканаречен „формулар за исплата“ за да ги добие парите, пишува во обвинението против него.

Има и фотографија од формуларот:

Лажен формулар за исплата од „Трамп бакс“ измамата, извор Министерство за правда на САД
Лажен формулар за исплата од „Трамп бакс“ измамата, извор Министерство за правда на САД

 

Извор - Министерство за правда на САД, лажен финансиски инструмент
Извор – Министерство за правда на САД, лажен финансиски инструмент

 

Дваесет и петгодишниот Спиридонов и 39-годишната Јанева се обвинети за заговор за вршење измама преку електронски пренос и измама преку електронски пренос, за кои секое федерално кривично дело носи максимална казна од 20 години затвор. Тие се обвинети и за тешка кражба на идентитет, за која следува задолжителна казна од две години затвор.

Дали ќе им биде судено во Македонија или во САД?

 

„Слободен печат“ се обрати во Министерството за правда на САД, во Министерството за правда на Македонија, во МВР и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на Македонија во врска со овој случај. Прашањето кое го поставивме беше на каков начин ќе им се суди на обвинетите, дали тоа ќе биде во Македонија или во Њујорк, дали Македонија ќе ги екстрадира, дали некој побарал екстрадиција или пак ќе се спроведе егзекватура.

– Во врска со случајот за кој прашувате ве известуваме дека МВР и ОЈО ГОКК со координирани дејствија постапуваа по замолница за меѓународна правна помош од САД при што обезбедени се информации и податоци кои беа од интерес на тамошната истрага. До овој момент до МВР не е доставено барање за распишување на потерница за лицата – ни одговорија од МВР и ОЈО ГОКК.

Од Министерството за правда на Македонија одговор од секторот за екстрадиција ветија за в понеделник. Некои адвокати што ги контактиравме рекоа дека има можност на барање на САД судењето да се одвива во македонските судови.

Ова е вторпат велешани да заработуваат на името на Доналд Трамп. Група велешани веќе му донесоа неславна репутација на градот откако креираа над 100 политички веб-страници, на кои споделуваа лажни вести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот