Банки / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Домаќинствата им должат 4,5 милијарди евра на банките: „Експлодираа“ станбените кредити

За станбен кредит од 150.000 евра, по 20 години треба да се вратат 243.500 евра, но тоа не го намалува интересот за заем за стан. Се намалува интересот за користење кредитни картички

Ако некогаш многу лесно се позајмуваа пари од кредитната картичка, сега граѓаните многу поретко го прават тоа. Ако им требаат пари за нешто да завршат, земаат потрошувачки кредит, кој е поповолен отколку посегнувањето по картичка. Она што веќе подолг период се забележува, а сега буквално експлодира, е позајмувањето пари за станови.

Ова се двете главни карактеристики на сегашните кредитни пласмани. Според последните податоци на Народната банка, на крајот од минатата година домаќинствата биле задолжени со 4,5 милијарди евра во банките. Најголемиот дел е за потрошувачки кредити, 2,3 милијарди евра, и овој износ е за 10,6 проценти поголем во однос на периодот пред една година. Најголемиот раст, на годишно ниво, од 15,8 проценти е кај станбените кредити. Граѓаните со станбени кредити се задолжени за речиси 1,8 милијарди евра. Автомобилските кредити и понатаму имаат скромен раст од 1,3 проценти на годишно ниво и пласирани се речиси 6,9 милиони евра.

Негативни стапки односно намалување на пласирани пари од банките има кај кредитните картички и кај дозволените минуси. Во минус на картичките, граѓаните отишле 137,3 милиони евра, додека со минусни плати „заглавиле“ со 91 милион евра, што е 2,5 проценти помалку отколку пред една година.

На шалтер на една банка побаравме совет како брзо да позајмиме 30.000 денари. За разлика од порано, кога по ваква сума се посегнуваше по кредитна картичка, сега, според објаснувањето, за петнаесетина минути парите може да легнат онлајн на сметката. И тоа по многу поповолни услови.

– За помалку од 40.000 денари и не можете да подигнете потрошувачки кредит на класичен начин преку шалтер. Но, кога би земале 40.000 денари на таков начин, тогаш ја правите целата процедура, како на пример да земате кредит од 600.000 денари, а тоа значи дека имате само трошоци врз основа на апликацијата од околу 6.000 денари. Електронски, пак, можете да подигнете и помали износи. За електронски кредит имате еднократен трошок од 500 денари и каматна стапка од 5,7 проценти фиксна за цел период – ни објаснија во банката.

За кредитните картички се повисоки каматите, одат и до 12 проценти на годишно ниво.

Каматите за станбените кредити се различни од банка до банка. Но, колку за ориентација, во една банка тие се со фиксен износ од 3,25 проценти во првите 5 години и потоа со варијабилен од 6,91 процент. Ако се подигне кредит од 9 милиони денари (околу 150.000 евра) со рок на отплата од 20 години, во првите 5 години месечната рата би била 51.047 денари, а потоа 64.933 денари. Вкупниот износ на платената камата за 20 години би изнесувал 5,7 милиони денари, или 93.500 евра, така што за земени 150.000 евра кредит, треба да се вратат 243.500 евра.

Овие бројки не ги одвраќаат заинтересираните. Станбените кредити стануваат сè поактуелни, додека истовремено вртоглаво растат цените на квадратниот метар. Според податоците од Народната банка, цените во четвртиот квартал од 2025 година се зголемиле за 25 проценти во однос на пред една година. Оттука и растот на бројките за станбени кредити не отсликува дека поголем број граѓани земаат кредит, туку дека земаат поголеми износи. Така, како што дознаваме од банкарите, износ за станбен кредит од 150.000 евра веќе не е невообичаен, иако обично има поголем интерес за помали износи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот