Комора на стоматолози на Македонија, Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска
Комора на стоматолози на Македонија, Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска

ДОКУМЕНТИ | Зошто Министерството за здравство си го присвои правото да лиценцира заболекари и покрај образложенијата од Комората?

Која е постапката и процедурата за од денеска стоматолозите да ги продолжат лиценците за работа или да ги извадат за првпат, откако Министерството за здравство во досега невиден преседан  ѝ ја одзеде оваа ингеренција на Стоматолошката комора и си ја присвои?

Одговор од Министерството за здравство на ова прашање на „Слободен печат“ оттаму ветија за во текот на денот.

-Правилата и процедурата за издавање нова лиценца се утврдени во постојниот правлник на стоматолошката комора, доека процедурата за обновување на лиценцата е утврдена во посебен правилник за таа намена. Сите доктори кои треба да поднесат барање за добивање или обновување лиценца потребно е да достават барање, заедно со документацијата, до секторот за стоматолошка здравствена заштита во архивата на Министерството за здравство. Во рок од 15 дена од донесеното решение за одземање на овластувањето, Стоматолошката комора е должна да ја предаде комплетната документација и евиденциите во електронска и писмена форма, кои ги има и ги води во врска со издавање, обновување, продолжување и одземање за лиценци за работа, велат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство. 

Вчера пак, стоматолози кои се обидуваа да ја продолжат лиценцата во Комората беа препраќани во Министерството, со информација дека Комората повеќе нема право да ги издава лиценците.

Стопирани се и едукациите што на стоматолозите им се неопходни за да собираат поени и сертификати, како услов да се продолжи лиценцата на секои 7 години. Дополнителен логистички проблем е и тоа што сите сертификати за посетените обуки кои се услов за лиценцирање на стоматолозите, се во самата Комора, електронски заведени во систем со кју-ар код до кој Министерството за здравство нема пристап.

Во Комората е и регистарот на стоматолозите.

Стоматолозите што баш сега треба да ја продолжуваат лиценцата се во лимбо и не знаат што да прават. Министерот за здравство Азир Алиу на Фејсбук напиша:

Стоматолозите да бидат спокојни, Министерството за здравство заедно со стручната фела воспоставува систем за континуитет во усовршувањето и лиценцирањето и во никој случај не може да стане збор за одземање лиценци.

Министерот Алиу изјави дека сите апликации за лиценцирање и релиценцирање на стоматолозите, докторите ќе може да ги доставуваат во Секторот за стоматологија во Министерството за здравство кое „заедно со вработените во Стоматолошката комора“ ќе може да ги процесуира сите барања.

Според Алиу нема да има застој, туку на ваков начин ќе има само ред и закон, а лиценцирањето ќе биде во ист временски рок како и до сега, а можеби и побрзо.

-Ќе тераме до крај за стоматолозите да имаат лиценци што се валидни, а пациентите да добиваат квалитетни услуги. Тоа што го потпишав го потпишав врз основа на документи и факти и стојам позади него, рече Алиу за одземањето на овластувањето од Стоматолошката комора.

Стоматолошката комора нема ни да држи континуирана медицинска едукација како што тоа го правеше од 2006 до сега. Алиу направил нов начин на едукација.

Разговарано е со двата факултети за стоматологија во Скопје и во Тетово. Тие набрзо ќе излезат со курикулум и материјал кој ние ќе го добиеме и врз основа на тој материјал наскоро ќе се организираат хибридни обуки. Тука, во просториите на факултетите во Скопје и во Тетово и онлајн. Сите чекори ги презедовме и од аспект на обуки и критериуми за лиценцирање и релиценцирање на стоматолозите, рече министерот. 

Претседателот на Стоматолошката комора доктор Маријан Денковски вчера на прес-конференција рече дека министерот Алиу ѝ го одзел овластувањето на Комората да лиценцира со селективни факти, без да ги земе предвид документите што Комората ги доставувала во министерството кои „се губеле“ во архивите. Тој го демантираше Алиу за сите основи наведени како причина за одземање на овластувањата на Комората. Денковски уверува дека Комората навремено ја испочитувала одлуката на Уставен суд, па следствено раскинала договори со спроведувачи на континуирано стручно усовршување избрани врз основа на акт донесен од тело што немало право да го донесе. За тоа дека Министерството за здравство било информирано за сите чекори од Комората, постојат и документи кои „Слободен печат“ ги обезбеди и може да се погледнат во продолжение. Уште на 27 март 2025 година Министерството за здравство со архивски печат го примило овој документ во кој Комората го известува тогашниот министер за здравство Арбен Таравари што презеле и бара понатамошни упатства но без одговор. Од Комората вчера повторија дека доколку нивните едукации за усовршување на стоматолозите биле спроведувани од „нелегални здруженија“ тогаш тоа е така и во другите комори – Лекарска и Фармацевтска и тоа од 2006 година наваму. Секаде лекарските друштва во чиј склоп се здруженијата, се оние што се регистрирани, а здруженијата работат во рамките на друштвото со посебни потсметки. Но само за стоматолошката комора ова беше земено како основа да се одземат ингеренциите за лиценцирање и се направи рокада во надлежностите – Министерството да лиценцира на начин и со процедура кои се уште непознаница, а Комората да врши стручен надзор.

„Тепачката“ за тронот во Стоматолошка комора отиде предалеку – министерот за здравство изврши упад во сите лиценци на стоматолозите

Отворено писмо на проф. д-р Владо Ванковски за случувањата во Стоматолошката комора: Кој го советува овој министер?

Лиценци за стоматолозите ќе издава секторот за стоматологија во Министерството за здравство после хибридни обуки на факултетите во Скопје и Тетово, рече Алиу

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот