Документарниот филм „Фанк ЈУ“ раскажува приказна за југословенската фанк-музика

Филмот е сниман во повеќе музички центри во ју-регионот

Филмската екипа на документарниот филм „Фанк ЈУ“, во режија на Франко Дујмиќ, кој истовремено е и главен протагонист на филмот, започна со краудфандинг кампања за финална реализација на остварувањето кое нѐ води во светот на винилните плочи и фантастичниот звук на југословенскиот фанк.

Документарниот филм „Фанк ЈУ“ на режисерот Франко Дујмиќ ги открива тајните на светот на винилните плочи, звуците на југословенскиот фанк, духот што го имаат страстните колекционери на грамофонски плочи и диџеите. Во филмот запознаваме големи имиња од регионот, како Пеџа Радовиќ од Подгорица, диџеите D-Gree и Soul Bader од Загреб, диџеј Теткине радости од Љубљана, најпознатиот белградски продавач на плочи Борко (Југовинил), но и македонскиот колекционер Тошо Филиповски, кој е жива енциклопедија на ју-рок музиката, а за крај го запознаваме и диџеј Смеѓи Шеќер, врвен истражувач на ЈУ-звуците во регионот.

Авторот Франко Дујмиќ е страстен љубител на музика и колекционер на плочи, а во овој филм ја бара плочата „Улица на јоргованите“ од Дарко Домијан, еден од популарните синглови што го имале сите домаќинства. Потрагата го води низ градовите на поранешна Југославија, каде што запознава вистински љубители на винил, колекционери, луѓе кои живеат за музиката и обожаваат фанк. На своето патување тој ќе научи како да стане диџеј, зошто е важно да се чува домашната музика, што значи да се биде колекционер на винилни плочи.

Меѓу учесниците е Тошо Филиповски, жива енциклопедија на ју-рок музиката

Неколку денови филмот бил сниман и на локации во Скопје, во музичкиот дуќан „АПоТЕКА“ во МКЦ, во Македонската опера и балет и на неколку екстериерни локации. Снимањето во Македонија било предводено од продукцијата „Скорпион филмс“ од Кавадарци, а македонска екипа која работела на филмот е во состав: извршни продуценти – Александар Арсовски и Ѓорѓи Лазов; асистент на камера – Виктор Јончевски; гафер – Сашко Стојановски; снимател на звук – Горазд Радевски; сценограф и реквизитер – Дејан Ѓошевски; помошник електричар – Ненад Пејиќ.

Снимањето на филмот почнало пред пет години. Екипата на филмот во овој период започна со краудфандинг кампања со цел да се соберат средства за завршување на филмот и негово што побрзо прикажување пред публиката во Хрватска, но и во регионот и во светот. Целта на кампањата е да се соберат средства за музички права, колор-корекција, дизајн на звук и звучен микс, како и за изработка на сите останати материјали за дистрибуција. Кампањата е активна до 25 јануари 2024 година.

Франко Дујмиќ, режисер на „Фанк ЈУ“ / Фотографија: Матеја Врчковиќ

– Имам впечаток дека краудфандинг кампањите станаа стандард во затворањето на финансиската конструкција на документарните филмови. Филмот е таков вид уметност каде амбициите се секогаш големи, а парите малку. Иако добивме финансиска поддршка за филмот од различни страни, ни треба уште еден мал дел за да го завршиме ова епско патување од пет години. Истовремено, кампањата ни обезбедува одличен начин за првпат да го претставиме проектот на публиката, пред филмот воопшто излезе, да изградиме заедница каде што повторно би го ставиле фокусот на грамофонските плочи и звукот на југо-фанкот. Југословенскиот фанк е митски жанр кој постои и не постои, зависи кого прашувате. Ние сметаме дека и те како постои, што го докажуваат различни забави и диџеите кои ја одржуваат таа сцена – истакнува Франко Дујмиќ, режисер и главен актер на филмот „Фанк ЈУ“.

Филмската екипа ја сочинуваат Тамара Бабун и Матија Дрниковиќ, продуценти од продукциската куќа „Wolfgang&Dolly“, директор на фотографија е Фране Памиќ, монтажер е Данијел Брлас, додека Лада Боначи и Александар Арсовски се задолжени за решавање на авторските права на сите музички дела и останати архивски снимки. Филмот е поддржан од Хрватскиот аудиовизуелен центар, Филмскиот центар на Црна Гора, „Re-act“, Град Загреб, Град Риека, Град Дубровник.

(Текстот е објавен во прилогот „Филмски печат“ во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-21.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот