Докторот кој го снабдил Метју Пери со кетамин е осуден на две и пол години затвор
Лекарот кој го снабдил актерот Метју Пери со фаталната доза кетамин, е осуден на 30 месеци затвор (две и пол години), станувајќи првото лице осудено на затвор за смртта од предозирање на актерот. Д-р Салвадор Пласенсија беше еден од петте обвинети во федерална истрага која откри како Пери го набавил анестетикот преку нелегална мрежа во Холивуд, објавува Би-би-си.
Препорачано
Актероот познат по улогата во „Пријатели“, беше пронајден мртов во неговото џакузи во Лос Анџелес во 2023 година, по долга борба со депресија и зависност. Најпознат по улогата на Чендлер Бинг, актерот отворено зборуваше за своите борби со години.
Обвинети се уште четири лица
Пласенсија се изјасни за виновен во текот на летото по четири точки од обвинението за дистрибуција на кетамин, што можеше да донесе максимална казна од 40 години затвор. Обвинителите побараа казна од три години.
Останатите четири обвинети во случајот – вклучувајќи уште еден лекар, неговиот асистент и две лица кои му ја снабдиле смртоносната доза – исто така се изјаснија за виновни и нивните пресуди се очекуваат во наредните месеци.
Семејство бара построга казна
Семејството на Пери побара од судијата да му изрече на Пласенција долга казна, нарекувајќи го „најодговорен“ за смртта на актерот. Во трогателни писма до судот, познати како изјави за влијанието на жртвата, тие детално ја опишаа својата болка.
„Опоравувањето на Метју зависеше од тоа дали ќе кажете НЕ“, напишаа неговиот татко Џон и маќеата Деби. „Вашите мотиви? Не можам да замислам. Доктор чиј живот беше посветен на помагање на луѓето?“
Таткото и маќеата на актерот рекоа дека загубата го „уништила“ нивното семејство. Мајката на Пери, Сузан, и очувот Кит Морисон го нарекоа докторот „чакал“ кој постојано ја прекршувал неговата Хипократова заклетва. Тие, исто така, ги истакнаа текстуалните пораки од судски документи во кои Пласенсија го нарекол Пери „кретен“ и се распрашувал колку е спремен да плати за лековите.
Извинување на докторот до судот
Во писмо до судијата минатиот месец, Пласенсија се извини и рече дека презема целосна одговорност за своите постапки.
„Немав намера да повредам никого, но моите одлуки тој ден ја издадоа мојата должност како лекар. Преминав линија што ниту еден лекар никогаш не треба да ја премине. Никој не ме присили да го направам ова; тоа беше моја лоша проценка и беше погрешно“, напишал тој.
Тој објасни дека неговата клиника има финансиски проблеми и дека, и покрај тоа што ги видел „знаците на зависност“ кај Пери, понудата за „големи суми пари била примамлива“. Пласенсија рече дека доброволно се откажал од медицинската лиценца по апсењето и дека ќе „прифати секоја казна што овој суд ќе ја смета за соодветна“.


