Доктор Чолакова Дервишова: Ако матичните лекари престанат со работа пет дена, ќе крахира цел здравствен систем, ФЗОМ да не си игра со лекарите!

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова, Фото: Архива

Матичните лекари спремаат штрајк. Преку глава им е, како што велат, да бидат казнувани од Фондот за здравство за административни пропусти кои немаат врска со медицината.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова во име на стотици матични лекари кои деновиве примиле стари казни и од 2019 година од Фондот за здравствено осигурување, изразува револт од начинот на кој се третирани нејзините колеги среде пандемија.

Казните од ФЗОМ се за административни, а не за лекарски грешки. Според доктор Чолакова Дервишова, Фондот за здравство има еден куп правилници со кои се цели да се оштети џебот на матичниот лекар и на ординациите,  а коишто правилници се косат со Законот за здравствена заштита на пациентите.

Казните се за тоа што лекар од поинаква специјалност препишал лек на пациент затоа што во моментот немало друг лекар.

-Може ли на пациент со шизофренија да му ја прекинете терапијата, или на астматичар? Што ќе се случи со тие пациенти? А ФЗОМ за вакви работи не казнува нас матичните лекари. На пример, во град немало психијатар туку само невролог на смена. И неврологот му го препишал лекот на пациентот, а требало да го препише психијатар. Значи не станува збор за тоа дека на пациентот не му треба лекот, туку кој доктор од која специјалност го препишал било проблемот. И зашто не била соодветна специјалноста, наводно ние сме го оштетиле Фондот. А специјалисти нема! Какви се тие правилници на ФЗОМ кои се косат со Законот за здравствена заштита на пациентите и му го ускратуваат на пациентот правото на лек, а кои не можат да се сменат, прашува Чолакова Дервишова.

Таа додава дека стотици нејзини колеги пред новогодишните празници и потоа биле повикани во подрачните единици на ФЗОМ да ги потпишат казните, а ако не ги потпишале, добивале закани дека нема да ја добијат следната капитација. Дел од матичните лекари не сакале да ги примат казните и одбиле. Велат дека им е преку глава наместо да се наградуваат за трудот во пандемијата, да бидат казнувани за административни баналности.

-На крајот ние ќе затвориме, па Фондот нека ги лекува пациентите! И онака имаат еден куп правилници кои се косат со Законот за здравствена заштита. Ако запреме ние матичните лекари пет дена со работа, ќе падне цел здравствен систем. Ни рецепти, ни Мој Термин. Револтот е огромен. Се чувствуваме понижени и непочитувани во здравствениот систем. Изгинавме на терен, анкетиравме, дење ноќе тешевме пациенти со панични состојби, за некои луѓе поставени од партии да немаат сенс за доктори во државата. Истите тие кога се болни го бараат најдобриот доктор, вели Чолакова Дервишова.

Таа вели дека матичните лекари е нормално некогаш да направат административен пропуст, но не е во ред за таков пропуст казната да биде 15 илјади денари за само еден погрешен рецепт.
-Ние имаме 150 прегледи дневно. Само Супермен нема да направи пропуст. ФЗОМ постои за нас и за пациентите, а не ние за нив. Не може тие цело време на време да земаат плата и да се непогрешливи, а ние да се соочуваме со казни за немедицински пропусти. Не сме ние Наполеон со седум раце и седум уши. Здравствените власти веднаш да се позанимаваат со тоа зошто нема доволно специјалисти во градовите и да го решаваат тој проблем, наместо казната за недостигот на кадар да ја имаат матичните лекари вели докторката.
Видео на денот