Догодина ќе се задолжиме со нова еврообрврзница од 950 милиони евра

Најголемиот предизвик за финансирањето на јавниот долг за следната година е сервисирањето или враќањето на обврзницата од 700 милиони евра. Тоа е она коешто најмногу му тежи на буџетот, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Таа вели дека ќе се прави комбинација помеѓу странското и домашното задолжување, за, како што рече, „да не ги оптоваруваме банките во земјава и да можат повеќе да го финансираат приватниот сектор“.

„Дополнително на тоа има речиси 200 милиони евра дополнителни обврски кон странство, односно долгови од претходно што треба да ги вратиме. Од таа причина, финансирањето е предвидено да оди со еврообврзница од 950 милиони евра. Можеби тој износ ќе се зголеми затоа што се предвидени уште 350 милиони евра дополнително странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар“, рече министерката во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која го презентираше предлог-буџетот на државата за 2026 година.

Министерката порача дека зголемувањето на јавниот долг ќе биде во суштина износот на дефицитот – 39 милијарди денари и ништо повеќе од тоа.
Сè друго е за сервисирање на стари обврски коишто претходно биле создавани, рече Димитриеска Кочоска.

Прашана за тоа колкава ќе биде проекцијата на јавниот долг, таа рече дека точниот податок ќе го има до крајот на денов.

-Во однос на јавниoт долг, јас сега не би сакала да кажувам податоци иако ние ги имаме, меѓутоа би сочекала до крајот на денот. Знаете дека имаше корекции коишто се правеа и во ДЗС. Очекуваме да видиме дали ќе има одредени промени на 2024, 2025 нема апсолутно никакви промени. Ќе видиме како ќе се одвиваат нашите проекции имајќи предвид дека сега во моментот има 58,5 проценти јавен долг. Најверојатно и до крајот на годината нема да реализираме над 60, а годинава беше предвиден над 62 проценти. Така што, да оставиме до крајот на денот да видиме какви ќе бидат информациите, и во однос на другите институции, бидејќи јавниот долг вклучува и долгови или задолжувања на институциите коишто не се или јавни претпријатија акционерски друштва, кои не се дел од Буџетот. Така што, до крајот на денот ќе го имаме точниот податок и ќе можам да излезам со точен податок колку би бил јавниот долг – рече Димитриеска Кочоска.

Владата денеска го усвои предлог-буџетот за догодина, а тој сега оди на расправа и гласање во Собранието.

Со документот се проектира раст на Бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 отсто, инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП. Буџетот за догодина повторно „тежи“ над шест милијарди евра – приходите се проектирани на 6,09 милијарди, а расходите – на 6,73 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот