Добрососедските прашања мора да бидат одговорени

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

Во предлог-заклучоците како проактивна се оценува работата на Антикорупциската комисија, која отвори предмети и за висока корупција и се повикуваат соодветните институции да ги следат нејзините препораки.

Сеопфатен преглед на изборното законодавство, повеќе напори во областа на владеење на правото, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата, особено високата, и организираниот криминал, зајакнување на слободата на медиумите и слободата на изразување, реформа на јавната администрација… се дел од пораките во предлог-заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ што ќе се одржи утре, а до кои дојде „Слободен печат“.

За разлика од претходниот Совет во јуни кога во однос на „последниот развој околу дискусиите меѓу Бугарија и Северна Македонија“ беше упатен повик за „брзо решавање на последните преостанати прашања за да може пристапните преговори да бидат отворени без одлагање“, овој пат во заклучоците Бугарија не е спомната, но договорот со неа го има во делот за добрососедски односи и регионална соработка.

„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, исто како и Процесот за стабилизација и асоцијација. Советот ја повторува важноста на постигнувањето видливи резултати и спроведување на билатералните договори со добра волја од сите страни“, пишува во предлог-заклучоците.

Претходно во текстот се напоменува дека мора да се избегнуваат изјави и активности што негативно влијаат врз добрососедските односи и на мирното решавање на споровите, а постојните билатерални договори, вклучувајќи го Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, треба да се спроведат со добра волја.

Во првата точка за Македонија по поздравувањето на почетокот на преговарачкиот процес и признавањето на напредокот во однос на агендата на ЕУ, како и скринингот, се нагласува потребата од сеопфатен преглед на изборното законодавство и за исполнување на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и од Венециската комисија.

Во делот владеење на правото се нотира „одреден напредок“, исто како и за борбата против корупцијата и организираниот криминал, но се нагласува дека се потребни поголеми напори. Се поздравува посветеноста на Владата за одржлива и забрзана имплементација на реформите што се однесуваат на ЕУ, но се потсетува дека одржливоста на овие структурни реформи е долгорочен процес, кој бара постојан ангажман и од власта и од опозицијата.

„Советот ги охрабрува сите партии во Собранието да продолжат да работат заедно конструктивно и да изградат консензус за конкретните чекори во преговарачкиот процес и одржувањето на сегашниот реформски момент. Советот ја нагласува потребата од транспарентност во креирањето политики, инклузивност во процесот на консултации и ефикасна комуникација за преговарачкиот процес“, порачува Советот.

Во предлог-заклучоците како проактивна се оценува работата на Антикорупциската комисија, која отвори предмети и за висока корупција и се повикуваат соодветните институции да ги следат нејзините препораки.

Во областа на реформата на јавната администрација се нотира ограничен напредок и како суштинско се бара почитување на начелата на транспарентност, мерит-систем и правична застапеност. Исто така, се додава дека е неопходно зајакнување на парламентарната контрола на разузнавачките и на безбедносните служби.

Иако не се споменуваат конкретни земји, во текстот на предлог-заклучоците Советот ја нагласува потребата Северна Македонија да се усогласи со визната политика на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот