До ЕУ нема краток пат, потребни се вистински заложби, порача шведската амбасадорка Ларсон Јаин

До ЕУ нема краток пат и тоа треба да се знае. Потребни се вистински заложби, отчетност и транспарентност, а сето тоа носи корист за граѓаните кога ќе се спроведат реформите, порача шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Јаин во обраќањето на панел-дискусија за Преспа форум дијалог 2023, насловена „Патот кон 2030“.

– Патот беше долг и трнлив и некои се прашуваат дали Северна Македонија некогаш ќе стане членка на ЕУ. Северна Македонија убаво го почна скринингот, интеграцијата во ЕУ е стратешка цел на земјата, рече Ларсон Јаин.

Како одговор на прашањето дали целта за членство во ЕУ до 2030 година е остварлива, порача дека тоа зависи од нас и колку ќе се трудиме да ги направиме фундаменталните промени.

Според неа, за да се стигне до членство во ЕУ, борбата против корупцијата и владеењето на правото се основните вредности.

– Треба вистински заложби, потребни се отчетност и транспарентност, но сето тоа носи и корист за граѓаните кога ќе се спроведат реформите. Неопходен е сеопфатен пристап во општеството, додаде амбасадорката.

Како најголеми проблеми ги наведе сиромаштијата, нискиот стандард, корупцијата и криминалот.

– Корупцијата е корозивна за општеството, ја ослабува демократијата и ја поткопува довербата во институциите, се заканува на функционирањето на демократските институции, а губат и граѓаните и бизнисот, изјави Ларсон Јаин.

Во однос на уставните измени, индиректно порача дека треба да се усвојат, бидејќи сега е силен моментумот за проширување на Унијата.

– Моментумот е вреден. Кога го имате го користите, вели Ларсон Јаин.

На панел-дискусијата со претставници на граѓанското општество и тинк-тенкови од Балканот и пошироко коишто активно ја следат политиката на проширување на Европската унија учествува и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот