ДКСК од Уставен суд ќе бара проверка на законитоста на балансерот

дкск
ДКСК/ фото Архива

Државната комисија за спречување на корупција смета дека алатката која одредува од која националост треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување или таканаречениот „Балансер“ се коси со мерит-системот и ја нема вредноста за која бил наменет, како и дека уште од самиот почеток била злоупотребена, доведувајќи до ризици од трговија со влијанија, коруптивно однесување и создавање политички клиенти на партиите.

Поради овие причини на денешната седница на ДКСК беше изгласано да се поднесе иницијатива до Уставниот суд да ја оцени законитоста и колизијата со други закони на Законот за преземање административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а од Владата да побара извештај за спроведувањето на овој закон со кој институциите треба да прифатат т.н. рамковни вработени кои нераспределени добиваа плата, а седеа дома.

Не е познато дали е законот сè уште во примена и дали се веќе распределени предвидените лица за преземање во државните институции затоа што Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не и одговорило на ДКСК со податоци, а, како што беше посочено, и натаму продолжува да објавува нови огласи.

Во однос на балансерот, ДКСК смета дека иако имало позитивен резултат во етнички вработувања, во изминатите години станало евидентно порастот на бројот на вработени без реални потреби и без просторни услови во институциите, а практиката покажала дека кандидатите за да се вработат ја наведуваат етничката припадност што се бара во конкурсот.

Од тие причини Антикорупциска смета дека треба да се провери дали балансерот треба да се укине или да се најде можност да се спречи злоупотребата.

И Европската комисија смета дека балансерот веќе не ја исполнува својата цел и треба да се укине. Во нацрт-извештајот од Европската комисија за Кластер 1, „Фундаментални вредности“ што беше објавен во август минатата година, се нотира дека оваа алатка не ги исполнува своите цели, а причината што се наведува е дека формулата не ги одразува пописните податоци за населението кое живее во земјата.

„Паралелните процедури за вработување поставени за да се зголеми вработеноста на малцинствата во јавниот сектор може да ги поткопа, во нивната примена, принципите на заслуги, ефективност и правична застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на вработените според потребите, следејќи ги потребите за правична застапеност“ – се наведува во нацрт-извештајот од ЕК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот