Дискографската куќа „Корпус деликти рекордс“ најавува две нови компилациски плочи

Музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски го најави својот нов проект, изработка на две компилациски лонг-плеј плочи како дел од едицијата „Македонски рок архив“. Издавач е дискографската куќа „Корпус деликти рекордс“, која планира да ги објави и двете компилации. И двете содржат моќни имиња од македонската рок-сцена.

На првата компилација, „Macedonian new wave vol.2 1979-1987“ се наоѓаат песни од групите „Инола икс“, „Зијан“, „Бастион“, „Дизајн“, „Фора“, „Прамен“, „Гино Де Гаги и нивните страсти“, „Меморија“, „Бон-тон“, „Морал“, „Чуден крој“, „Телекс“, „Токму така“ и „Коцка мраз“.

Другата компилација е ЛП со налов „Macedonian Dark wave vol.1 1985-1989“. На неа фигурираат групите „Апореа“, „Падот на Византија“, „Мизар“, „Клеопатра“, „Ден потоа“, „Берза“, „Анастасија“, „Тело-наука совршена“ и „Наумахија“.

Лонг-плејките официјално ќе бидат пуштени во промет на 23 април, во планиран тираж од 200 примероци. Дизајнот е на Бојан Ивановиќ. Пристапот е класичен, со лонг-плејки, што е од особено значење со оглед на тоа што плочите како формат веќе не важат само за носачи на звук, туку се реткост и нешто што љубителите на музика со страст го колекционираат.

– Пријатели, поддржувачи, музичари, почитувачи на сопствената музичка историја, чувари на културното богатство.. Вие сте на потег! – напиша Филиповски на својот Фејсбук-профил, каде може предвреме да се нарача примерок од компилациите.

Инаку, Тошо Филиповски е познат собирач на музички артефакти. Воден е од идејата дека во нашата држава има огромно музичко богатство што мора да биде ставено во некакви рамки. Резултат на неговата визија е првата „Македонска рок енциклопедија“, што ја издаде по 20 години истражување и макотрпно собирање на информации за настани и луѓе кои ја дефинирале македонската рок-сцена.

По рок-енциклопедијата ги објави и монографските книги „Македонска дискографија – Винили 1958-2019“ и „Македонски рок-времеплов“, а негова долгогодишна желба е создавање музеј на македонската рок-музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот