Директорот на „Дрисла“ за „Слободен печат“: Ниту сме примиле, ниту сме гореле опасен отпад, освен медицинскиот

Фото: Архива / Коста Начевски, директор на ЈП „Дрисла“

Ниту сме депонирале, ниту сме согорувале ниеден од наведените видови на опасен отпад, освен медицинскиот, кој се согорува во соодветната печка и ги повикувам сите, и надлежните институции и граѓанските здруженија и медиумите, да дојдат на „Дрисла“ и да се уверат самите во ова, за веќе еднаш да престане хајката која, не знам од кои причини се води против нас, вели директорот на скопската депонија „Дрисла“, Коста Начевски во разговор за „Слободен печат“ веднаш по прес-конференцијата на директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, на која тој соопшти дека на Дрисла ѝ е изречена забрана за прием и третман на дури 22 вида опасен отпад.

Инспекторатот ѝ забрани на „Дрисла“ да собира и складира опасен отпад

„Ние во моментов сме единствената легална депонија во државата на која се води ред каков отпад влегува и како тој се третира и не можам да разберам зошто Државниот инспекторат води некаква хајка кон Дрисла, а не води сметка за бројните нелегални депонии низ државата и начините на кои таму се фрла и се третира ѓубрето“, вели Начевски.

Тој додава дека не е коректно директорот на Инспекторатот, преку „Дрисла“ да се препукува со Петровска, која на локалните избори е политички противник на неговата партија ДОМ.

„Тоа што тие во моментов се навредени од госпоѓа Петровска не е оправдување за да се изјавуваат глупости“, вели Начевски.

Тој појасни дека новата А-дозвола на Дрисла всушност содржи помалку шифри на опасен отпад од претходната дозвола која ѝ го издало Министерството за животна средина.

„На мое барање, во консултација со скопскиот градоначалник, им е кажано на претставниците на Министерството дека сакаме да бидат избришани речиси сите шифри на опасен отпад од дозволата бидејќи немаме начин како да го третираме“, вели Начевски.

Откако била разрешена Петровска, Државниот инспекторат за животна средина направил два вонредни инспекциски надзора во кои инспекторите не доставиле ниту една забелешка на работењето на депонијата и на содржината на дозволата.

„На инспекторите на ДИЖС им дадовме на увид барања од компании за прием и складирање на опасен отпад и ги информиравме дека истите ги одбивме. При вториот инспекциски надзор, направен само неколку дена од првиот, ДИЖС од нас побара да ги тргнеме 22-те шифри на опасен отпад од дозволата и ние веднаш упативме барање до Министерството за животна средина тоа да биде корегирано во дозволата.“, додава директорот на Дрисла.

Начевски вели дека очекува Министерството да им ги избрише шифрите за опасен отпад од дозволата како што побарале.

Инспекторатот ѝ забрани на „Дрисла“ да собира и складира опасен отпад

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот