Димовски за изјавата на Макрон: Земјите од Западен Балкан веројатно заедно ќе влезат, на куп, кога ќе влезат, ако влезат во ЕУ

Прво внатрешни реформи во ЕУ, потоа проширување, земјите од Западен Балкан веројатно заедно ќе влезат, ако воопшто влезат во ЕУ и земјите од Западен Балкан никогаш нема да имаат право на вето и полно право на глас. Ова се само некои од констатациите на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Дмовски за обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон, на годишниот собир на француските дипломати во Париз, изјави дека Европската унија прво би требало да се реформира во „унија со различни брзини“, пред да се проширува.

„ После денешните говори на Макрон во Париз и Мишел во Блед неколку работи се јасни: Прво внатрешни реформи во ЕУ, после проширување; Европската унија ќе биде унија со повеќе брзини (сите нема да имаат исти права); Украина и Молдавија ќе се интегрираат заедно со Западен Балкан во ЕУ; Земјите од Западен Балкан веројатно заедно ќе влезат, на куп, кога ќе влезат, ако влезат. Земјите од Западен Балкан никогаш нема да имаат право на вето и полно право на глас; Интегрирањето ќе оди тема по тема, област по област. Неопходни се решавање на билатералните проблеми од минатото. Полноправни, не, нема…“, напиша Димовски на Фејсбук.

Макрон вчера кажа дека ЕУ можеби треба да еволуира кон унија со различни брзини, додека размислува како да ги интегрира Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан. Според францускиот претседател, ЕУ треба да се реформира ако сака да се прошири со нови земји и мора да изгради консензус меѓу повеќе од 30 земји.

-Ризик е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформа. Можам да посведочам дека доволно е тешко за Европа да напредува на чувствителните теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки, нема да биде полесно – кажа Макрон на годишниот собир на француските амбасадори во Париз.

-Потребна ни е храброст да прифатиме поголема интеграција во некои области и можеби дури и Европа со различни брзини“, додаде тој.

Макрон не прецизира како мисли дека ќе функционира Европа со различни брзини, но рече дека е потребен ремонт на процедурите на ЕУ за да се одржи нејзината привлечност.

Макрон најави и дека ќе ги каже своите ставови за проширувањето на ЕУ во наредните неколку месеци, пред изборите за европскиот парламент.

Денеска на форум во Блед, Словенија, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека ЕУ ќе биде подготвена да прими нови членки до 2030 година.

-За да бидеме кредибилни, верувам дека мораме да зборуваме за тајминг и домашна работа. Како што се подготвуваме за следната стратешка агенда на ЕУ, мораме да поставиме јасна цел. Јас верувам дека мораме да бидеме подготвени, и двете страни, да се прошириме до 2030 година – рече Мишел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот