Димитров си даде автогол

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Според критичарите, Димитров всушност е гневен што нема да биде министер во идната влада на мандатарот Димитар Ковачевски. Ако се сомневал дека Османи сака да постигне договор по секоја цена со Софија, а тој не се согласувал или сметал дека тоа е опасно, Димитров требало навреме да излезе во јавноста и да си поднесе оставка, велат аналитичарите.

Лавина од бурни негативни реакции предизвика завчерашната прес-конференција на вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров, кој изрази сомневање во министерот за надворешни работи Бујар Османи дека ќе ги сочува националните интереси при решавањето на спорот со Бугарија. Неговата постапка ја искритикуваа довчерашните колеги во владата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, многубројни аналитичари, а поддршка доби само од лидерот на ЛДП, Горан Милевски. Критичарите велат дека Димитров всушност е гневен што нема да биде министер во идната влада на мандатарот Димитар Ковачевски и посочуваат дека ако се сомневал дека Османи сака да постигне договор по секоја цена со Софија, а тој не се согласувал и сметал дека тоа е опасно, требало навреме да каже и да си поднесе оставка, наместо да учествува во создавањето на владините политики.

Мандатарот Ковачевски смета дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата.

– Тоа што го кажува Димитров воопшто не е точно, зашто тој лично бил дел од градењето на истите тие позиции – рече Ковачевски за ТВ Телма.

Според мандатарот, Димитров можел да работи подобро. Тој вели дека ги анализирал плановите и остварувањата на министерствата и смета дека „работата можело и требало да биде извршена на повисоко ниво“.  Ковачевски смета дека досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ оперативно подобро ќе одговори на функцијата вицепремиер за европски прашања затоа што во наредниот период главниот фокус ќе биде подготовката на реформските закони, координација на ресорите, хармонизација на законските регулативи итн.

Во врска со критиките од Димитров дека не е експерт за надворешна политика, Ковачевски вели дека не постои универзален експерт за сите прашања, а премиерот координира разни ресори.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вчера рече дека Димитров однапред знаел дека е можен штетен договор со Бугарија.

– Но, додека бил функционер во Владата молчел, а откако видел дека нема да биде член, се решил да прозбори, што е неморално. Димитров и Османи од 2018 година до денес најавуваат датуми за членство во ЕУ секое полугодие, заедно се сликаа и во владиниот авион и сметаме дека е време заедно да ја проверат својата доверба или недоверба кај граѓаните – вели Милошоски.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, изјавата на Димитров покажува дека „СДСМ и Владата имаат јасна намера да направат национално предавство во однос на Бугарија“. Тој посочи дека постојат големи сомнежи дека власта нема да ја почитува Резолуцијата на Собранието и договореното со Бугарија нема да го достави на разгледување пред пратениците.

– Гледаме дека Владата тивко ретерира од таа работа, а гледаме и сервилност. На пример, Слави Трифунов го навредува македонскиот народ, јас побарав реакција од МНР, но тоа не се случи. А тоа е човек чија партија е втора во рамките на бугарската влада – вели Николовски.

Лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски, пак, смета дека „некој сака на Димитров да му го одземе тоа што го постигна“.

– Тој вели дека сè што е заткулисно во преговорите е лошо. Сепак, вицепремиерот се избори за национален идентитет, јазик и култура со Преспанскиот договор. Некој сака да му го одземе тоа што го постигна – вели тој.

Милевски додава дека одговорите на бугарските барања „пет плус еден“ му се познати, а му ги кажал министерот Османи.

– Османи добро тоа го договорил. Се согласувам со Димитров да не се отстапува од националните интереси. Ова не е владина работа, туку и државна. Ние како ЛДП имаме црвени линии. Не е негово прво реагирање во однос на спорот. Димитров е дел од либералното семејство. Тој е близок, независно дали политички ќе биде ангажиран – рече Милевски за ТВ21.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека е изненаден од прес-конференцијата на Димитров.

– Тој никогаш не бил политичар, туку дипломат, a за дипломат таквите зборови што ги кажа вчера се неумерени. Тој е креатор на Преспанскиот договор и на Договорот со Бугарија. Да се врти водата дека се нема доверба во Бујар Османи, бидејќи е Албанец, е погрешен пристап – рече Муслиу за „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека во случајот станува збор за лични суети или, пак, за политички амбиции зашто друго толкување, според него нема.

– Нашите искуства покажуваат дека дури и меѓу амбасадорите во Бугарија, кои сме ги имале, најхрабри потези во интерес на македонската заедница правел амбасадор што бил Албанец – вели Муслиу.

Македонци од Бугарија кај Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски ќе ги прими претставниците на партијата ОМО Илинден Пирин на Македонците од Бугарија, потврдија од партијата за „Слободен печат“. Поради состојбата со пандемијата со коронавирусот сè уште не е дефиниран точниот термин. Од ОМО Илинден Пирин не сакаат да коментираат ништо во врска со целите на посетата.

– Коментар ќе дадеме по евентуалната средба – велат оттаму.

Неодамна од кабинетот на шефот на државата потврдија дека претставници на Македонците што живеат во Бугарија упатиле барање до претседателот за средба, а тој позитивно одговорил. Датумот на состанокот треба дополнително да се утврди.

Ова барањето следува по средбите на бугарскиот претседател Румен Радев со претставници на повеќе организации на Бугарите од Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот