ДИК: Во 33 општини завршени изборите за градоначалник во прв круг
До вчера течеа роковите за поднесување евентуални приговори за постапката на гласање и за утврдување и сумирање на резултатите од локалните избори, по што Државната изборна комисија (ДИК) денеска објави за кои општини резултатите се конечни.
Препорачано
Од вкупно 44 општини за кои во понеделникот беа објавени првични официјални резултати за избор на градоначалници, во 11 општини се пристигнати приговори. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на денешната 149. седница информираше дека Комисијата денеска или утре ќе одлучува по нив, а подносителите потоа ќе имаат право на тужба до Управниот суд.
Во 33 општини нема поднесено приговори и за нив гласањето за градоначалник е завршено со конечни резултати. Тоа се: Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Липково, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теарце и Штип.
Во 11 општини резултатите сè уште не се конечни: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.
Во однос на изборите за советници, ДИК соопшти дека во 64 општини нема приговори и таму резултатите се конечни, додека за 17 општини се поднесени приговори по кои ќе се одлучува денеска.
Кондарко информира и дека се поднесени вкупно 57 приговори, од кои 37 се однесуваат на постапката за утврдување и сумирање резултати, а 20 на самата постапка за гласање. Пет приговори за лично избирачко право биле едногласно одбиени како неосновани.


