Девет генерички лекови и еден нутриенс чекаат влез на позитивната листа

Колаж: Слободен печат / М.С.

Стручната комисија за позитивната листа на лекови до Фондот за здравство достави предлог за утврдување нови лекови на примарната листа на лекови. Како што информираат од Комисијата за „Слободен печат“, станува збор за вкупно девет генерички лекови што се во употреба и присутни во прометот подолг временски период, а се наменети во третманот на хипертензија, срцева слабост, превенција на атеротромбоза, Алцхајмерова болест, депресија и анксиозни растројства.

– Предлогот содржи и еден нутриенс наменет за туморска кахексија, кој веќе се наоѓа на болничката листа на лекови, а за кој компанијата производител побара негово префрлање на примарната листа, велат од Комисијата за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека ставањето на овие ефикасни и ефективни лекови на примарната позитивна листа би значело збогатување и осовременување на терапијата за лекување на болестите. Согласно постапката уредена со правилникот за позитивна листа, конечната одлука, во зависност од расположливите средства наменети за лекови, ја носи Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.

Со ставањето на лекот на позитивната листа, тој всушност станува бесплатен за пациентите, бидејќи трошокот за него го плаќа Фондот за здравствено осигурување.

Министерството го најави проширувањето на позитивната листа на лекови помпезно, со ветување дека ќе обезбеди поефикасна и понова терапија за пациентите. Се изработи и нов правилник за тоа како ќе се утврдува оваа проширена листа на понови лекови кои ќе паднат на товар на Фондот за здравство.

Во листата на лекови не може да се стават лекови за болести што се покриени со здравствените буџетски програми, лекови што не се препишуваат на рецепт, лекови што служат за промена на атлетските способности, лекови што се даваат во козметички цели, за престанок на пушење, за губење телесна тежина и нутриенси наменети за специфични диети.

Фармацевтската компанија во апликацијата за нејзиниот лек да се најде на позитивната листа на лекови, приложува збирен извештај за особините на лекот, изјава со која се обврзува дека ќе го снабдува лекот континуирано, најмалку во наредните 12 месеци, научни докази за значењето на лекот, анализа за тоа дека има економска оправданост од примената на лекот, табеларен приказ дека лекот се користи и дека е покриен од буџетите во соседството како во Словенија, Хрватска, Србија и Бугарија, приказ за тоа колку чини лекот на големо во земјите од регионот, колку пари треба да чини доплатата од страна на пациентите, како и предлог за тоа колку пари треба да чини лекот на големо во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот