Делчев ќе мора да загине во борбата за добрососедство!?

фото: Слободен печат/ Арбнора Мемети

Приближувањето на првата меѓувладина конференција на нашата земја со Европската Унија беше повод минатото повторно да ги оддалечи Бугарија и Македонија од заедничката европска иднина. Главно преку уцените од бугарските политичари и историчари дека ќе ги блокираат пристапните преговори на земјава, ако не се реши спорното прашање – чиј е Гоце Делчев. Поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, смета дека сепак Бугарија нема да се реши на таков чекор.

– Бугарија секогаш ја поддржувала РСМ на нејзиниот мирен, демократски и европски проспротет. Агендата на Софија, кога Бугарија беше претседавач со Унијата, го отвори патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Бугарија прва ја призна Македонија. Ние сме братски народ. Некои политичари може да зборуваат како што ќе решат, но вистината е дека Бугарија е голем адвокат на соседите. Ние сакаме просперитет, а тоа е возможно само со влез во ЕУ. Но, прашањето околу несогласувањата за Гоце Делчев мора да се реши – изјави Плевнелиев за ТВ 24.

Претходно, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов за истата телевизија изјави дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ ако не се постигне согласност за проблематичните прашања во Мешовитата експертска македонско-бугарска комисија за историја.

Ангел Димитров, кој е член на Комисијата, за Бугарското национално радио рече  дека нерешеното прашање не е само билатерален, туку и европски спор. Тој доби поддршка и од европратеникот Андреј Ковачев.

– Нашиот главен проблем е дрското фалсификување на историјата од македонската страна – рече еден од највлијателните политичари во соседна Бугарија.

Македонскиот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, вели дека изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат.

– Договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничка историја што ги поврзува двата народа и во 21 век во Европа правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно. Прифаќањето на минатото, но и на сегашноста, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право, како за хероите од минатото кои се од големо значење за двете страни, така и за денешните генерации. Договорот зборува за заемно почитување и пријателство. Зборува за помош од страна на Софија на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ – изјави Димитров за Радио Слободна Европа.

Министерството за надворешни работи најави дека „Северна Македонија ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ, при што клучната порака ќе биде дека беше почнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави“.

Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања, по пауза поради изборите и пандемијата на ковид-19, ќе продолжи со работа кон крајот на овој или во почетокот на идниот месец. Дебатата на историчарите беше „блокирана“ на прашања за Гоце Делчев и за други личности и настани од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Нив Бугарија потоа ги издигна на највисоко политичко ниво и ги постави како услов без чие исполнување нема да дозволи напредок на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Комисијата беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, што во 2017 година го потпишаа премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот