Дел од граѓаните ги оставаат чешмите да течат по цела ноќ за да не им замрзнат

Вода/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Од ЈП „Водовод и канализација“ објаснуваат дека граѓаните во овој период од годината можат да ги заштитат водоводните цевки во домот од мрзнење и со изолирање на водоводната мрежа и на тој начин да спречат мрзнење на водата, но и добивање повисока сметка за користење на оваа услуга.

Ниските температури што деновиве го зафатија главниот град и стравот од пукање на водоводните цевки во домот е главната причини поради која дел од граѓаните што живеат во куќи, многу често во обид да спречат замрзнување на водата во цевките, особено во доцните вечерни часови кога е и најстудено, се решаваат да ја остават водата да тече иако немаат потреба од нејзино користење. На овој начин се спречува мрзнење на водата за пиење во цевките и нивно оштетување, но ваквата навика на населението е причина за несоодветно користење на пивката вода, но и причина за повисоки сметки.

Од ЈП „Водовод и канализација“ објаснуваат дека граѓаните во овој период од годината можат да ги заштитат водоводните цевки во домот од мрзнење и со изолирање на водоводната мрежа и на тој начин да спречат мрзнење на водата, но и добивање повисока сметка за користење на оваа услуга.

Корисниците што го избираат ваквиот начин на заштита од мрзнење на водоводната инсталација, предизвикуваат финансов удар на сопствениот буџет (поради ненаменски потрошена количина на вода) и секако дополнителен трошок за ЈП „Водовод и канализација“ за зголемена испорака на вода за пиење до корисниците. Апелираме до корисниците на нашите услуги дека е време да извршат заштита на водоводната мрежа (со изолациски материјал) или да извршат комплетно исклучување на незаштитената водоводна мрежа – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Сепак, и покрај ваквите навики на дел од населението, од јавното претпријатие велат дека главно потрошувачката на вода во овој период од годината е идентичен со потрошената вода минатата година во овој временски период.

– Во периодот на изминатите празници и при ниските температури, во споредба со минатите години, нема драстични отстапувања на потрошувачката на вода, која во просек се движи од 260.000 до 270.000м3 на дневно ниво во зимските месеци – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Сепак, според нив, потрошувачката на пивка вода за пиење од година во година се зголемува поради зголемениот број потрошувачи во Скопје. Зголемување на потрошувачката на вода по правило се забележува и во текот на летните месеци кога температурите знаат да се искачат и над 40 степени Целзиусови, па граѓаните водата за пиење освен што ја користат за разладување, ја користат и за наводнување на дворовите и бавчите, појава за која неколкупати во текот на летото алармираа од ова јавно претпријатие.

Потрошувачката на вода за пиење во летниот период е зголемена. Споредено со зимската потрошувачка на вода за пиење, зголемувањето во зависност од висината на температурите се движи од 6-10 отсто – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Кога станува збор, пак, за оштетувањето на водоводната мрежа во градот Скопје, од ова јавно претпријатие објаснуваат дека не постои никаква опасност од нивно оштетување.

– Ниските температури во зимскиот период немаат влијание во предизвикување улични дефекти на водоводната мрежа бидејќи се поставени на длабочини во земјата каде што температурата на воздухот односно надворешните услови не влијаат, но секако ЈП „Водовод и канализација“ како сервис на граѓаните во секој момент агилно и навремено врши санирање на уличните водоводни дефекти – заклучуваат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот